Промоција на книгата „Мистичниот и литургиски живот во делата на старец Емилијан Симонопетриски“ од Епископот Стобиски г. Јаков

Пишува: Катерина Дафчева

Во присуство на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, архијереи на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како и високи гости од Република Грција и Република Србија, синоќа во хотелот „Цар Самуил“ беше свечено промовирана книгата на Епископот Стобиски г. Јаков, „Мистичниот и литургиски живот во делата на старец Емилијан Симонопетриски“.

На промоцијата присуствуваа надлежниот Митрополит Струмички г. Наум и митрополитите Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Дебарско-кичевски г. Георгиј, Крушевско-демирхисарски г. Јован, Брегалнички г. Иларион и Европски г. Пимен, епископите Делчевско-каменички г. Марко, Дремвитски г. Давид, Хераклејски г. Климент како и архимандрити, свештенството и монаштвото на МПЦ–ОА.

Присутни беа и високи гости од Република Грција, предводени од Митрополитот на Дидимотихо, Орестијада и Суфли, г. Дамаскин, претставници на братството на манастирот Симонопетра од Света Гора и професори од Аристотеловиот универзитет во Солун, како и високи гости од Република Србија.

Меѓу гостите беа и директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Оливера Трајковска, пратениците Петар Марков, Ели Панова и Жан Дрвошанов, градоначалниците на Струмица, Босилово и Василево, Петар Јанков, Ристо Манчев и Славе Андонов, советници и голем број претставници на јавниот, политичкиот и општествен живот во Струмица.

Книгата, која претставува мастер труд на Преосветениот Епископ Стобиски г. Јаков, изработен и одбранет со највисоки оценки на Православниот богословски факултет при Универзитетот во Белград, го спојува богословието и духовното искуство на старецот Емилијан Симонопетриски, согледувајќи ги низ единството на исихастичкиот и литургискиот живот, како суштинска основа на православното богопознание.

Пред присутните се обрати и проф. д-р Теодорос Јангу од Теолошкиот факултет при Аристотеловиот универзитет во Солун.

Во својот богословски осврт, промоторот проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ истакна дека во монографијата на Епископот Стобиски г. Јаков се обединуваат двата големи дискурси на православната теологија – паламитскиот и оној на Кавсила, а преку нив и универзалното значење на богословието на старецот Емилијан.

„Во оваа монографија се обединуваат двата дискурса – оној на свети Григориј Палама, концентриран врз актуелниот спор и монашкиот призив, и оној на свети Никола Кавасила за општохристијанските начела на древното христијанско исихастичко искуство, применливо за секој христијанин. Подеднакво, тоа можеме да го кажеме и за старецот Емилијан, чија аскетска теологија има универзално христијанско значење – тој го прегрнува како монашкиот начин на живот, кој самиот го живее, така и животот на христијаните во светот“, нагласи проф. Ѓорѓевиќ.

Тој посочи дека старецот Емилијан зборува за мистичниот живот пред сè во контекст на монашкиот подвиг, но истовремено јасно сведочи дека таквото искуство на Бога е достапно и за секој христијанин во светот.

Се осврна и на надминувањето на неприродната спротивставеност меѓу молитвата и богослужението, како едно од клучните богословски достигнувања на старецот Емилијан, јасно изразено и во книгата.

„Треба да бидеме во атмосферата на Црквата, но истовремено да ја постигнеме собраноста на умот и срцето. Раздвоената совест, раздвоениот ум и срце се немоќни да Му служат на Бога“, поучува старецот Емилијан, како што цитираше професорот, истакнувајќи го изразот „соборен човек“, кој го обединува синтетичкиот карактер на богомислието на старецот Емилијан, во кое личноста и заедницата не претставуваат спротивставени начела, туку сопостојат како два комплементарни начина на постоење, неразделни еден од друг.

Промоторот проф. д-р Ѓорѓевиќ нагласи дека книгата на Епископот Стобиски г. Јаков ја доживува како портал што нè внесува во богомислието на старецот Емилијан Симонопетриски, напишана на јазик „концизен, жив и автентичен“, со динамична мисла која ја прави книгата податна за „читање во еден здив“, при што богатата содржина на монографијата изискува повторно навраќање и претставува поттик за читање на делата на старецот Емилијан.

„Кога пишувате книга ‘за некого’, вистинскиот успех е во тоа да го поттикнете чувството дека тој за кого пишувате е присутен и жив пред читателот“, смета проф. д-р Ѓорѓевиќ.

Во својот промоторски осврт, протоереј-ставрофор проф. д-р Владимир Вукашиновиќ се задржа на поширокиот црковен и методолошки контекст на делото, нагласувајќи дека книгата на Епископот Стобиски г. Јаков е истовремено научен труд и сведоштво за живо богословие.

„Оваа студија покажува дека нераскинливата поврзаност на духовниот и евхаристискиот живот е суштински услов за вистинито богопознание. Делото е особено важно бидејќи е пишувано во време во кое духовниот живот и богословието често се раздвоени“, истакна проф. Вукашиновиќ, нагласувајќи дека Епископот Стобиски со ова дело се придружува на сè побројните православни богослови кои настојуваат да ја вратат, обноват и повторно да ја втемелат духовната и евхаристиска рамка, содржината и смислата на теологијата.

„Делото сведочи дека православната мистичка традиција е нераскинливо поврзана со евхаристиското искуство, а дека евхаристиското искуство, без аскетскиот живот – не само како подготовка, туку и како целоживотна рамка и контекст – останува непотполно“, истакна проф. д-р Вукашиновиќ.

Тој нагласи дека старецот Емилијан ја разбира теологијата како харизматски дар што се стекнува преку живеење во Црквата, а не само преку интелектуален напор.

„Богословието е живо само тогаш кога се раѓа од молитвена, лична и заедничка, подвижничка средба на човекот со Бога“, цитираше проф. д-р Вукашиновиќ, зборувајќи и за „молитвената методологија“ на старецот Емилијан Симонопетриски, истовремено отворајќи го прашањето за т.н. „молк за молитвата“, која како метод за богопознание и лично богомислие е, како што вели проф. Вукашиновиќ, „прогонета од академскиот дискурс на голем број православни богословски школи“.

Правејќи аналогија со антологиската реченица на Свети Јустин Ќелијски: „Копнеж да со својата молитва Свети Макариј го води мојот беден ум низ тајните на своето учење“, проф. Вукашиновиќ смета дека монографијата е резултат токму на таква средба и разговор меѓу старецот Емилијан и Епископот Јаков.

„Сè што се врши на собирот, се совршува и лично, во ќелијата. Но нашата литургија на собирот е толку посовршена колку што е посовршено нашето лично правило, тогаш кога сме сами пред Самиот Христос. Еден таков живот е претпоставка за Литургијата и богословието“, додаде проф. Вукашиновиќ.

Авторот на монографијата, Епископот Стобиски г. Јаков, истакна дека за него претставува огромна чест што првото издание на новоформираниот Институт за духовно наследство е токму неговиот мастер труд.

„Пред да кажам било што за Институтот наследство на пустината, чија примарна научна област е духовното и монашкото наследство на Балканот, би сакал најпрво да ја изразам својата благодарност до одборот за издаваштво при институтот за одлуката овој мој мастер труд да биде првото издание на институтот. Како што е познато минатата година се одржа првата меѓународна научна конференција токму во нашата епархија, а оваа година ако даде Бог се подготвува друга која ќе се одржи во манастирот Манасија во Србија. Ваше Блаженство не можеме да кажеме било што за институтот без Вам да Ви се заблагодариме за поддршката, благословот и молитвите за неговото формирање, постоење и активно работење, како и на Неговата Светост Патријархот српски г. Порфириј. Секако од непроценливо значење лично за мене е Вашето присуство и на овој настан, како и на браќата архиереи, владиката Дамаскин кој дојде од најдалечните краеви на Православната Црква на Грција. Што се однесува до книгата таа веќе е во рацете на читателите и она што го очекувам и за што се молам е да им ја овозможи истата средба со овој обожен човек на Црквата и автентичен сведок на Воскресението Христово, која што ја имав и самиот за време на моето истражување.“, посочи Епископот г. Јаков, заблагодарувајќи се на Високопреподобниот катаигумен на Свештената обител на Симонопетра г. Елисеј со чиј благослов на оваа промоција дојдоа и претставници на братството од Симонопетра.

Книгата претставува прво издание на Институтот за духовно и монашко наследство на Балканот „Наследството на пустината“, во рамките на едицијата „Современо аскетско богословие“, а позитивни рецензии за нејзиното објавување дадоа професори од Богословските факултети во Скопје и Белград: проф. д-р Георгиј, Митрополит дебарско-кичевски; проф. д-р Србољуб Убипариповиќ, протопрезвитер и декан на српскиот факултет; и доц. д-р Никола Лукиќ, ѓакон.

Преводот од српски на македонски јазик е дело на проф. д-р Ана Витанова-Рингачева и м-р Сузана Мицева.

Промоцијата беше свечено отворена со настап на машкиот хор при Струмичката епархија „Свети Партениј Зографски“, а во програмата учествуваа и членовите на вокално-инструменталниот состав „Стихири“.