Прослава на 22 годишнината од ракополагањето во епископски чин на владиката Марко

На 7 декември 2025 година, кога Православната Црква ги празнува светата великомаченица Екатерина и светиот великомаченик Меркуриј беше отслужена света архијерејска Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Делчево. На овој благословен ден епископот г. Марко, ја одбележа 22 годишнината од епископската хиротонија.

Пред почетокот на Литургијата на епископот Марко од името на монаштвото и свештенството на богомспасуваната Делчевско-каменичка епархија му беше доделен архијерејски жезол.

На Литургијата началствуваше епископот Тивериополски г. Тихон од Бугарската Православна Црква, во сослужение со Митрополитот Брегалнички г. Иларион и домаќинот епископот Делчевско-каменички  г. Марко, како и свештенослужители од повеќе епархии од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и од Српската Православна Црква.

По читањето на Евангелието, кон народот со пригодна беседа се обрати епископот Тихон, кој помеѓу другото истакна:

„Љубовта е таа која ќе го спаси светот, а не умните глави кои мислат, дека можат секогаш со силата на разумот да пронајдат вистинско решение на проблемите. Љубовта нѐ преобразува, нѐ сплотува во заедницата. Кога имаме братска љубов ќе најдеме решение за секаков проблем.”

Во контекст на ова и Господ Исус Христос, рекол: „По тоа ќе ве познаат дека сте мои ученици, ако имате љубов помеѓу себ.”

На крајот од Литургијата епископот Марко сестра Ирина (Теофиловска) ја ракопроизведе во чин настојателка на манастирот „Св. Николај Мирликијски“ во с. Стар Истевник.

Потоа, Митрополитот Иларион ја благослови пченица.

Епископот Марко по Литургијата им се заблагодари на браќата архијереи за љубовта и жртвата која ја направија и дојдоа на овој значаен ден за него. На ова архиереите возвратија со избрани зборови и се заблагодарија за топлиот дочек. Епископот г. Тихон во знак на братска љубов и почит на двајцата архијереи им подари панагии.

На многаја и благаја лета Владико!

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1G1ht6NghY/