Прослава на именденот на Митрополитот Кумановско-осоговски Григориј

На 26.11.2025 година, со празнична Вечерна во митрополитскиот соборен храм „Свети Никола“ во Куманово, започна прославувањето на споменот на наставникот на православието – светиот Григориј Палама, којшто воедно е и небесен покровител на првојерархот на Кумановско-осоговската епархија, Високопреосвештениот Митрополит г. Григориј. Самиот Митрополит ја возглави празничната радост, чиноначалствувајќи со празничната Вечерна.

На 27.11.2025 година, во митрополитскиот соборен храм „Свети Никола“, со пасхална радост беше пречекан првојерархот на Кумановско-осоговската епархија, Митрополитот  Григориј, кој чиноначаствуваше со тајната на единството – Божествената Литургија, во сослужение на свештенослужители од повеќе епархии на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Празничната радост, во срцата на верните беше зголемена поради тоа што, јерејот Кире Горгиев и јерејот Симеон Стојанов, од раката на Високопреосвештениот Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј, примија протојерејски чин.

Пред крајот на Божествената Литургија, свештенослужителите и преподобното монаштво, како молитвен дар на митрополитот-славеник, Високопреосвештениот г. Григориј, му подарија архијерејски жезол, посакувајќи му уште многу години правостоејќи достојно да раководи со Словото на Христовата Вистина.

Благодарејќи за молитвите на верниот народ и свештениот клир, Високопреосвештениот Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј, кон присутните се обрати со вдахновена беседа, после која како молитвен дар на свештенослужителите коишто имаат право на носење на граден крст, им подари по еден крст на којшто освен Распнатиот Христос, се осликани и ликовите на Пресветата Богомајка, преподобниот Јоаким Осоговски, преподобниот Јоаким Крчовски и светиот новомаченик Георгиј Кратовски.

На Божествената Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

„Ваше Високопреосвештенство,

Во денот кога светата Црква го слави великиот светилник на Православието – светителот Григориј Палама, срдечно Ви го честитаме именденот.

Нека Вам, како наследник на апостолската благодат, Господ Ви ја умножи силата, трпението и мудроста, за да ја извршувате доверената служба по примерот на свети Григориј, кој со животот, подвигот и учењето стана украс на Црквата и учител на вселената.

Молитвите на св. Григориј – проповедникот на благодатта и бранителот на православието – да Ве крепат во секој труд, а Неговите добродетели нека бидат светол пример и поттик за Вашето понатамошно архијерејско дело.

Честит и радосен именден, Високопреосвештен отец и владико.

Со љубов во Христа Воскреснатиот од полнотата на Кумановско-осоговската епархија!“ – завршува известувањето од Кумановско-осоговската епархија.

Извор: https://www.facebook.com/share/1CqjjCfBHV/