Прослава на Иванден – слава на Бигорскиот манастир

Со свечена архијерејска света Литургија, на која присуствуваа бројни верници од земјата и странство, Бигорскиот манастир го прослави својот патронен празник – Рождеството на свети Јован Крстител (Иванден).

По повеќечасовното празнично бдение, утрото започна со пречек на митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, кој пристигна во придружба на игуменот на манастирот „Свети Наум Охридски“ – архимандритот Нектариј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.

Со митрополитот Георгиј сослужуваше епископот Антаниски г. Партениј, заедно со братството на Бигорскиот манастир и повеќе свештенослужители од Света Гора, Грција, Романија, Австралија и Македонија. На богослужбата молитвено присуствуваше и цивилниот управител на Света Гора, Алкивијадис Стефанис, како и бројни гости и поклоници.

По завршувањето на светата Литургија, пригодна празнична беседа одржа митрополитот Георгиј. Тој им заблагодари на епископот Партениј, на свештенството, монаштвото, гостите и верниците што учествуваа во прославата. Во својата беседа, помеѓу останатото, тој истакна: „ Да се помолиме Господ да ни ја даде трпеливоста на света Елисавета, послушноста на свети Захарија и смелоста на свети Јован, та по неговите молитви да можеме да одиме по патот на покајанието, кое тој непрестајно, до последниот ден, го проповедаше, кон Царството Небесно.“

Празничната богослужба беше дополнително збогатена со византиското пеење на романскиот хор „Нектариј Протопсалт“ од Букурешт.

Во попладневните часови, Бигорскиот манастир го посети и митрополитот Тамасоски г. Исаија од Црквата на Кипар заедно со група поклоници од Кипар.

Литургија - Рождество на Св. Јован Крстител (ИВАНДЕН) - 07.07.2026Литургија – Рождество на Св. Јован Крстител (ИВАНДЕН) – 07.07.2026

Извор: https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/soborna-radost-na-bigorskata-slava-za-ivanden/