Во подножјето на планината Водно, во населбата Црниче, Скопје, во 1904 е поставен камен темелник за изградба на храм, посветен на преподобна Параскева – Петка. За 20 години бил изграден прекрасен Божји дом. Постои камен плоча на која може да се прочита дека храмот бил довршен и осветен на 3 септември 1923 година. Живописот и иконописот му биле доверени на последниот и најдобар зограф на тоа време – Димитар Андонов Папрадишки. Во 1924 година, тој комплетно го завршил живописањето и иконографијата на храмот.
Годинава, кога се навршуваат 100 години од осветувањето на овој храм, беше организирана голема свеченост за прослава на значајниот јубилеј. Во сабота, на 28 септември 2024 година, во 17.30 часот беше отслужена Воскресна вечерна богослужба на која началствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан.
Утредента, во недела, на 29 септември, Неговото Блаженство Архиепископот Стефан началствуваше на архијерејската Литургија, која беше отслужена на платото во дворот на храмот, бидејќи храмот беше претесен да ги собере верниците кои дојдоа за прославата на празникот. На Неговото Блаженство му сослужуваа Високопреосвештените Митрополити Струмички г. Наум и Повардарски г. Агатангел и свештенослужители од повеќе епархии на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
По завршувањето на службата, архијереите го осветија и новоизградениот параклис, посветен на светиот Гаврил Велички, кој извесно време во храмот „Света Петка“ редовно служел бденија и се трудел многу за духовното укрепување на верниот народ.