Прослава на Преображението Господово во Крушево

На вечерната богослужба на празникот Преображение Господово, во истоимениот манастир во Крушево, кој е митрополитска резиденција, а на покана на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован, чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Дремвитски г. Давид. На службата со пригодно слово се обрати Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован.

Покрај едната певница на која пееја псалтите од Крушево, на другата певница псалаа певците од хорот „Свети цар Давид“ од Софија, Р. Бугарија кои како псалти беа гости токму за празникот.

На самиот ден на празникот на Господовото Преображение, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован, началствуваше на Литургијата во манастирот „Свето Преображение Господово“ во Крушево, во сослужение на Епископот Дремвитски г. Давид, кој произнесе празнична беседа. На Литургијата псалаше хорот „Свети цар Давид“ од Софија, Р. Бугарија.

По Литургијата, Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован ги прими богослужбените книги, дар за манастирот „Свето Преображение Господово“ од Бугарската православна црква, кои ги предаде професорот на Софискиот Универзитет, г-дин Павел Павлов.

После отпустот на Божествената Литургија, Митрополитот Јован им подели благодарници на оние кои придонеле за подигање на манастирот „Свето Преображение Господово“ во Крушево, на некои за време на живот, а на некои посмртно.

Во дворот на манастирот беше осветена вода, направена литија околу манастирскиот храм, а потоа беше прочитана молитва над принесеното грозје.

Вечерна „Преображение Господово“Вечерна „Преображение Господово“
Беседа за „Преображение Господово“ од Преосветениот дремвитски г. ДавидБеседа за „Преображение Господово“ од Преосветениот дремвитски г. Давид

Извор: https://krushdem.org/2024/08/19/liturgija-na-praznikot-preobrazhenie-gospodovo/