По повод празникот на св. Јустин Ќелијски, на 14 јуни во Врање, Србија, покрај храмот „Св. Јустин Ќелијски”, изграден во дворот од родната куќа на светителот, каде што се наоѓа и дел од неговите свети мошти, беше отслужена света архијерејска Литургија.
На Литургијата началствуваше Епископот Хвостански г. Алексеј од Српската Православна Црква, во сослужение на Епископот Дремвитски г. Давид и архијерејот-домаќин, Митрополитот Врањски г. Пахомиј.
Сослужуваа, исто така, и Архимандритот Методиј, Игумен на манастирот Хиландар на Света Гора, со останати бројни свештенослужители.
На Литургијата, после прочитаното Евангелие, беседеше Епископот Дремвитски г. Давид.
На крајот од Литургијата на архијереите и верниот народ, со пригодни изрази на благодарност, им се обрати Митрополитот Врањски г. Пахомиј, а потоа архијереите им доделија дипломи на деца заслужни во областа на литературното и ликовното творештво.









