Прослава на Св. Петка во Чикаго и посета на чудотворната Хавајска икона

Известува: о. Горан Трпчевски

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство митрополит Американско-канадски г. Методиј, во храмот на Македонската Православна Црква „Света Параскева Петка“, во градот Чикаго во Соединетите Американски држави, торжествено беше прославен празникот на света Параскева Петка, со посета на чудотворната Хавајско-иверска Богородична икона.

Со молитвено присуство на  Митрополитот г. Методиј, парохискиот свештеник Константин Стевковски богослужеше света Литургија, во сослужение на свештеникот и чувар на чудотворната икона отец Нектариј Јангстон, ѓаконот Серафим Андов од Руската задгранична Православна Црква и свештеникот отец Николај од Православната Црква во Америка.

На крајот од Литургијата, отец Нектариј одржа пригодна беседа, а верниот народ се причести со Светите Дарови и се поклони на чудотворната икона на Мајката Божја.