Прослава на св. Симеон Мироточив во Црна Гора

На 21 февруари 2026 година, во Митрополијата Црногорско-приморска на Српската Православна Црква беше одбележан празникот на sветиот Симеон Мироточив. По тој повод, на покана на Архиепископот Цетински и Митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј, учество во повеќеархијерејското литургиско сослужување и прославата, зеде и Епископот Делчевско-каменички г. Марко.

​На Литургијата на која началствуваше Митрополитот домаќин, г. Јоаникиј, сослужуваа уште и Митополитите од Српската Православна рква: Милешевски г. Атанасиј; Захумско-херцеговски и Стонско-приморски г. Димитриј; Будимљанско-никшички г. Методиј; викарниот Епископ Диоклиски г. Пајсиј, како и голем број свештенослужители, од повеќе епархии на Српската Православна Црква и Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија.

​После прочитаното Евангелие, на многубројниот верен народ, со пригодна беседа им се обрати Епископот Делчевско-каменички г. Марко. Зборувајќи за светиот Симеон Мироточив, Епископот Марко рече: „Можеби не е единствениот владетел којшто ја предал власта на своите наследници, пред да му заврши животот на земјата, но е единствен, или еден од ретките владетели, на кои повеќе им омилела скромната монашка ќелија од царската палата, та затоа и се замонашил и се смирил до таа мера, та на своето чедо по тело да му стане духовно чедо”.

​На крајот од Литургијата, Митрополитот Јоаникиј им се обрати на присутните со поздравно слово, нагласувајќи го и смирението на светиот Симеон Мироточив и неговиот живот во покајание, имајќи предвид дека како средновековен владетел, војувајќи, не можел а да не се огреши, но и дека се каел, па така покајанието претежнало во однос на гревовите и тој се нашол во вечната прегратка Божја.

​По Литургијата се направи литија низ градот Подгорица, до местото викано „Стари Град”, каде што се наоѓала куќата во која се родил светиот Симеон. Тука се благослови коливото и славскиот колач, а потоа за званичните гости беше приредена трпеза.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1AbESbk8e7/