Прослава на св. вмч. Пантелејмон – патрон на градот Велес

На 8 и 9 август секоја година, Велес го чествува споменот на својот патрон и заштитник, светиот великомаченик Пантелејмон. Овој празник се чествува и како официјален празник на градот Велес и под покровителство на Општината од 2009 година и покрај тоа што жителите на градот Велес неговата закрила ја чувствуваат многу одамна, за што сведочи и изградбата на Соборниот храм на Повардарската епархија, посветен на овој светител, по чии молитви, градот бил спасен од страшната чума која се појавила во XIX век.

Празнувањето започна со Вечерна Богослужба на која голем број верници од Велес молитвено го просеа застапништвото пред Бога од светиот вмч. Пантелејмон, нивниот закрилник.

По Вечерната богослужба беше организирана Духовна академија на која со пригодни зборови се обратија Градоначалникот на Општина Велес, г. Марко Колев, протоереј Ристе Јанушев со слово посветено на светиот великомаченик Пантелејмон, а на крајот го проследивме одличниот музички настап на Јована Богдановска во придружба на инструментален состав. Програмата ја водеше велешкиот истакнат актер Васил Зафирчев.

Централен настан на чествувањето на светиот великомаченик Пантелејмон – патронот на градот Велес, беше отслужената Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на бројно свештенство на Повардарската епархија.

На Литургијата присуствуваа и градоначалникот на Велес г-дин Марко Колев, советниците од Општината, како и голем дел од претставниците на институциите од градот. Литургијата беше молитвено проследена и од голем број верници од Велес. По завршувањето на Литургијата беа принесени и осветени славските колачи. 

Извор: https://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=3309&Itemid=32