„Со трубите на словата ти го изгони незнаењето, блажен,
и го подигна народот словенски и му вкорени знаење,
и му даде дух, и Му остави на Бога обожено и свето наследство;
него сочувај го од секаква опасност,
зашто те почитува и го извршува твојот светол и значаен спомен“
(стиховна стихира на Вечерна на св. Климент Охридски).
Прославата на светиот Климент Охридски, на светите Седмочисленици и на св. вмч. Пантелејмон Започна со празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение свештенослужители од Дебарско-кичевската епархија. Подоцна беше отслужен и Акатистот посветен на светиот Климент Охридски.
По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, вели: Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси (Јн. 10, 9), а понатаму додава: Јас сум добриот Пастир. Добриот Пастир си го полага животот свој за овците (Јн. 10, 11). Овие зборови Господ ги кажува за Себе и уште еднаш покажува дека Он е единствениот Пат, Живот и Вистина (Јн. 14, 6). Он е вратата преку која Бог го открива Своето свето и неискажливо Лице на светот и на човечкиот род. Он е вратата преку која човек гледа и согледува големи свети тајни, а на прво место тајната на Отецот Небесен. А потоа, во светлината на таа тајна, ги открива и согледува сите тајни на овој свет: тајната на луѓето, тајната на постанувањето и спасението на светот, тајната на неговиот почеток и тајната на неговиот завршеток. Преку вратата на спасението Господ се открива Себеси како прв и последен, како почеток и крај, како алфа и омега, како вечна слава Божја преку Кого сѐ стана и без Него ништо не стана, од она што постана (Јн. 1, 3).
Мислењето на луѓето само по себе, колку и да е значајно, длабоко и сеопфатно, без Бога, без Оној Кој ја создал човечката мисла, личи на пишување по вода, на прав или пепел. И сѐ е така без Оној Кој беспочетно мисли и осмислува, без Оној Кој вечно мисли и вечно смислува, без Личноста Која го осмислува и го создава овој свет и Која им дава на луѓето способност да мислат за делото на спасението. Спасителот наш, Господ Исус Христос, е Вратата на спасението, и оној кој преку неа ќе влезе ќе се спаси. А тоа значи дека ќе се излекува од слабостите и недостатоците, а преку тоа ќе ја добие во целост од Бога зададената и благословена полнота, за исполнување на вистинската смисла на своето постоење и битисување.
Господ не е само врата туку е и добар Пастир, Кој ја полага Својата душа за овците Свои, за Својата паства и за Своите ближни. Тој не е наемник туку Пастир Кој се жртвува за Своите ближни. Мерката на Неговата жртва е мерката на Неговата Божествена љубов. Неговата Божествена и безусловна љубов е неизмерна, затоа и Неговата жртва е неизмерна, жртва за целиот свет до последниот атом од севкупното Негово битие. Така Бог ни ја открива нам луѓето вистинската и безусловна љубов, потврдена и во евангелските зборови: Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има живот вечен (Јн. 3, 16).
Бог е Љубов и дарува живот. Љубовта дарува полнота, спасение и вистина. Он е Љубов и со Својата Личност ги прифаќа и прегрнува сите созданија, секое битие, чувствувајќи го за непреодно и за вечно. А таа Љубов е Господ Исус Христос, Кој од Света Дева Марија и од Светиот Дух се воплоти и се роди, и се крсти на реката Јордан од св. Јован Крстител. Тој е Оној за Кого св. Јован ќе рече: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз Себе! (Јн. 1, 29). Чудесни зборови и чудесни виденија! Во оваа неоспорна вистина и во овие зборови на Крстителот се остваруваат пророштвата на последниот старозаветен пророк Малахија, кој не го видел, но исполнет со Дух Божји го предосетил доаѓањето на Спасителот, но и на Неговиот предвесник, па затоа и запишал: И ете, Јас ќе го испратам ангелот Свој, и тој ќе го приготви патот пред Мене, и ненадејно ќе дојде во храмот Свој Господ, Кого Го барате, и Ангелот на заветот, кого вие Го пожелувате; ете, Он иде, вели Господ Саваот (Малах. 3,1). Тој ангел Божји бил токму св. Јован Крстител, затоа и православните зографи во многу цркви и икони го сликаат св. Јован како ангел со крилја.
Евангелското четиво кое Го претставува Господа како врата и добар Пастир, Кој се жртвува како јагне и оди на колење, го читаме кога прославуваме некои од Божјите угодници, кои, исто така, биле добри пастири. Тие биле врата на спасението за своите современици и го исполниле христијанскиот повик со својата вера, со својот живот и со своите дела. Тие се облекле во Христа, станале живи и живоносни сведоци Христови, проповедајќи Го со зборови и со дела и со подвизи во овој свет.
Ние од вечерва започнуваме да го прославуваме св. Климент Охридскиот Чудотворец, кој им го словел словото Божјо на нашите предци на овие простори. Тој се жртвувал со сето свое срце и со сето свое битие, и живеел и дејствувал како вистински добар пастир. Тој бил подготвен и животот свој да го даде за доверената му паства. Како добар пастир тој Му се принесувал себеси како дар на Господа, а нас, пак, нѐ учи по кој пат да одиме и како треба да живееме и да се однесуваме. На нашиот Господ, Кој е врата на спасението и добар Пастир, Кој е Пат, Вистина и Живот, а Кој е прославен во светиите Свои, преку св. Климента да Му оддадеме слава и благодарност, сега и во сета вечност. Амин.
Митрополит Тимотеј
Вечерна на Св. Климент Охридски
Ман. „Св. Климент Охридски“ Плаошник, Охрид
07.08.2024 г.
Прославата продолжи на 9 август 2024 година, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен.
Светиклиментовото дело продолжи и денеска во неговиот манастир, преку раката на нашиот свет Владика, кој го ракоположи монахот Амвросиј во јероѓаконски чин, на кого му честитаме со желби и молитви за достоинствено носење на новиот крст што денеска го прими.
По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Пимен се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Ваше високопреосвештенство, чесни отци, сакани браќа и сестри,
И не е важно од каде доаѓаш кога знаеш каде одиш. Особено кога знаеш дека на тој твој пат го имаш Господа Бога за сигурен сопатник. Тогаш така вооружен со вера во срцето и бројаница во раката, со постојана молитва на твоите усни, не се плашиш од ниедно искушение, зашто знаеш дека ниедно искушение не е поголемо од она кое можеш да го носиш. И така бестрашно чекорејќи несомнено ќе израснеш во непоколеблив борец во верата Христова, и стократен плод ќе дадеш подобно на семето кое што паднало на плодна почва. Зашто верни се зборовите на Христа од параболата со сејачот кој излезе да сее.
Верни се зборовите, затоа бројни се примерите низ христијанската историја раскажани и посведочени низ житијата на светиите на свети луѓе, на кои не им го знаеме ни датумот, ни местото на раѓање, но им го знаеме подвигот и делата чинети со вера кога и болни лекувале, и мртви воскреснувале, и поучувале и бесчислено мнозинство народи кон спасението приведувале. И поради сѐ ова, по ветувањето на Христовото, го знаеме нивно последно место на живеење. А тоа место е вечноста во Царството Небесно, од каде и ден денес и низ сите векови, светите, ги услишуваат нашите молитви и се молат за нас на Господа Бога Света Троица пред Неговиот Престол на Небесата.
За еден таков светител и денес си спомнуваме и неговиот спомен го славиме. Денес си спомнуваме за нашиот Охридски светител, за патронот на нашата света Македонска Православна Црква и Охридска Архиепископија, Светиот Климент Чудотворецот.
И така спомнувајќи си за Климента, десетина века наназад и сите извори по кој знае кој пат препрочитувајќи ги, нигде место на неговото раѓање нема да сретнеме, нити пак датум на неговото раѓање ќе најдеме. И уште еднаш ќе се увериме дека нити датумот, нити местото на раѓање се релевантни за нашето осветување и обожување по благодат, туку истрајноста во подвигот на љубовта кон Христа и исполнувањето на Божјите заповеди низ нашиот земен живот.
За местото и датумот не ќе прочитаме, но низ неговото житие ќе прочитаме дека од мали нозе, Светиот Климент, ја имал можноста да ги слуша проповедите на својот божествен учител светиот Методиј. И така растејќи и учејќи се од неговиот пример станува сопатник на горостасните сѐсловенски просветители при нивните мисии. Сопатник кој на тие патувања се обогатува духовно со знаењата за Бога, но се соочува и расте и со безбројни искушенија на гонења и затворања.
Но, светиот Климент, сведок е и на она историско сведочење и победа на Светиот Кирил Философот пред папата Адријан дека нема богоизбрани јазици за проповед на Словото Божјо, туку дека секој човек треба да учи за Бога на свој разбирлив јазик и на тој јазик да го слави. Па така продуховен и окуражен се зафаќа со просветителската и преведувачката дејност оставајќи ни нам, неговите верни чеда, напишани дела достојни за почит, зашто не се во ништо помали и побезначајни од оние на големите отци на црквата од раните векови.
И така патувајќи и работејќи израснува во добар пастир кој е спремен душата своја да ја положи за овците свои. А нам, пак, таков првосвештеник и ни требаше, кроток, молитвен, богољубив и човекољубив. Та Господ Бог го испрати на ова место, на последната мисија, да ни биде просветител и молитвен покровител. Да нѐ учи и подучува и во словата и во верата.
И наоѓајќи плодна почва го посејува семето, кое што и денес дава стократни плодови.
И во толкуте дела од него напишани, пак време и место не ќе најдеме, но сепак по делата знаеме дека го изоди патот до крај и дека стигна онаму каде што со вера и радост чекореше, дека живее вечно на небесата. Зашто бројни се и делата и чудата негови низ вековите по неговите чудесни јавувања и услишувањата на молитвите упатени кон него.
Па затоа за свети Климента ќе си споменеме и достојно ќе го прославиме и кога ќе погледнеме наоколу колку цркви од урнатините се открија, колку цркви се возобновија како и храмов во кој денес соборно се молиме, но и нови се изградија за да сведочат и за сејачот, за свети Климента, и за достојните наследници на неговиот трон, но и за тоа дека сѐ уште сме плодна почва која дава плод.
Да си спомнеме денес и за сите оние архиереи кои застанале на неговиот трон и за нивните дела или злодела, за да видите кои од нив израснале во мерата на Свети Климента, кои од нив жив го чуваат и го предаваат на идните генерации неговиот спомен. Кои од нив биле вистински пастири, кои подобно на светиот, својот гроб си го одредиле и си го ископале да им биде тука меѓу своите по плот и по дух, а кои доаѓале како наемници само да ограбат и да украдат. А ги имало за жал и такви.
Спомнете си и за вашите свештеници и учители во верата кои овој град ги раѓал и ќе ги раѓа. Спомнете си и за царското свештенство, верниот народ, кој преку причестувањето со Телото и Крвта Христови во овој и овие многубројни храмови во непосредна близина, го чекореле патот кон Царството Небесно, преку секогаш испружената рака на свети Климента да ни помогне кога ни е најтешко, или да ја сподели со нас и радоста кога од рушевини возобновуваме, кога зрачиме како светило од врв планина наоколу.
Спомнувајте си за Климента преку делата негови и извршувате ги. Љубете се еден со друг, како што светиот нѐ љуби низ вековите, за секој да нѐ познае дека сме плод од семето кое добриот сејач Климент го посеа на оваа почва.
По молитвите на Светиот Климент Охридски, на Седмочислениците и на светиот Пантелејмон, Господи Исусе Христе помилувај нѐ!
Митрополит Пимен
ман. „Св. Климент и Пантелејмон” Плаошник, Охрид
09.08.2024 год.