Прослава на свети Лука и на свети Петар Цетињски

Со Света Архијерејска Литургија и благословување на славскиот колач, на 31 октомври годинава, во Цетиње, Црна Гора, беше прославен празникот на светиот Апостол и евангелист Лука и на светиот Петар Цетињски, чии мошти се чуваат во Цетињскиот Манастир. Воедно, овој ден е и слава на Богословијата „Свети Петар Цетињски“.

Со Литургијата началствуваше Неговото високопреосвештенство Архиепископ сараевски, Митрополит дабробосански г. Хризостом, а му сослужуваа Високпреосвештениот Митрополит Брегалнички г. Иларион и Преосвештените Епископи Дељадровско-илинденски г. Јоаким и Делчевско-каменички г. Марко од Македонската православна црква, и архијереите на Српската православна црква: Архиепископот Цетињски и Митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј, Архиепископ и Митрополит Рашко-призренски г. Теодосиј, Архиепископот Мостарско-требињски и Митрополит Захумско-херцеговски и Стонско-приморски г. Димитриј, Епископот Пакрачко-славонски г. Јован и Епископот Диоклијски г. Пајсиј.

По читањето на Евангелието, со вдахновена беседа се обрати Митрополитот Хризостом, кој, меѓу другото, истакна:

„Свети Петар Цетињски бил рамноапостолен. Тој како што знаеме од неговото житие, тој правел неверојатни чуда во тешки времиња. Кога сè превирало од востанија и народни бунтови, тој се обидувал со Христовото слово сето тоа да го смири, да го сложи, обожи и умножи. Слушнавме денес како светите Апостоли, се вратија и Му рекоа на Господа: ’Господи и демоните ни се покоруваат’. А Тој им одговара: ’Не радувајте се на тоа што демоните ви се покоруваат’. Тоа не е прв пат во Библиската историја демоните да се покоруваат, слушаат и бегаат од Господа. ’Туку радувајте се на нешто што е повозвишено – дека вашите имиња се запишани на небесата’. Тоа е смислата на нашите животи, нашите имиња како слики Божји да бидат запишани и признати на небесата. Затоа и Господ дошол, не за да спаси еден народ како што мислеле Евреите и го толкувале месијанството. Господ дошол да спаси секој човек и најмалиот и највозвишениот и најсиромашниот и најбогатиот. Господ дошол да го спаси секого, зашто човекот е слика Божја. Нека никој не помисли дека ние сме некаква случајност во овој живот и свет. Никој не е случајност во овој свет туку е тоа благослов и благодат Божја! Зашто човекот станал душа жива оној момент кога Духот Божји влегол во него и станал она што Бог сакал, совршено создание од земен прав да претвори во душа жива. Тоа е она што нè разликува од останатите созданија Божји. Денес за жал живееме во време кога се обидуваат нам личностите Божји, тоа да ни го одземат па да нè вратат во статус на созданија Божји“ – рече владиката Хризостом.

По отпустот на Светата Литургија, Митрополитот Јоаникиј порача дека кога им се поклонуваме на доблестите кои сјаат од свештениот лик на свети Петар Цетињски, ние црпиме Божја благодат и од моштите на свети Петар Цетињски кои Господ изобилно ги излева преку својот Божји угодник и од оваа Света служба, Светите тајни преку кои се соединуваме со Господ наш Исус Христос.

Извор: https://mitropolija.com/2024/10/31/arhijerejski-sabor-na-cetinju-mitropolit-hrizostom-sveti-petar-bio-ravnoapostolni-cinio-cuda-u-teska-vremena/