На 3 јули 2024, денот кога Црквата го слави споменот на преподобниот чудотворец и отец наш Наум Охридски, во манастирот „Св. Наум Охридски“ на Попова Шапка се отслужи Архијерејска Божествена Литургија на која чиноначалствуваше Неговото високопреосвештенство, Митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј и поранешниот митрополит Кумановско-осоговски г. Јосиф и свештеници од Тетовско-гостиварската и Кумановско-осоговската епархија на МПЦ.
На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, кој претходно подготвен, пристапи кон светиот Путир.
По завршувањето на Литургијата беше прекршен и благословен празничниот колач.
Црковниот Одбор на овој духовен бисер на Тетовско-гостиварската епархија, со многу љубов и почит ги пречека сите поклоници на манастирот и приреди трпеза на љубовта.
Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верното стадо со пригодна беседа на која меѓу другото истакна:
Собрани денес во овој свет храм овде на Шапка, за да го прославиме споменот на нашиот голем чудотворец и застапник пред Божјиот престол, светиот Наум Охридски, не можеме, а да не си спомнеме за големината на неговата личност, за неговиот подвиг, но и за неговата љубов и кон Бога и кон својот род.
Секогаш на почетокот од месец јули Светата православна црква во црковниот календар определила да го славиме споменот на светиот Наум Охридскиот чудотворец, кој се подвизувал и живеел во манастирот крај Охридското езеро, каде што се упокоил и го завршил својот живот. Неговите свети мошти до ден денес почиваат во неговиот манастир и творат најразлични чудеса. Верниот народ од нашата земја имаа особена почит кон светиот Наум. Доказ за тоа се храмовите и манастирите подигнати во чест на овој светител, како во епархиите во татковината, така и во епархиите во нашата дијаспора. Еден од тие храмови е и оваа манастирска црква, во која ние секоја година масовно се собираме да му ја оддадеме заслужената почит на еден од нашите најголеми светители.
Ако го резимираме животот на светиот Наум слободно можеме да кажеме дека неговиот живот е служење на Бога и служење на луѓето. Како голем молитвеник, тој не само што се молел пред Бога за човечките незнаења, туку како просветител се трудел да ги научи луѓето на евангелските морални принципи, бидејќи знаел дека многу гревови извираат од човечките незнаења. И тогаш како и денес, најголем проблем и извор на злото било незнаењето, кое води до помраченост на умот.
Денеска го прославуваме св. Наум, Охридскиот Чудотворец. Го прославуваме оној кој многу добро го разбрал Евангелието. Оној кој својот овоземен пат го изодил според тоа Евангелие, спечалувајќи вечен и блажен живот. Токму Божјите угодници се наши огледала, наши примери и патеводители во нашиот живот. Ни покажуваат како и ние да го одиме нашиот пат. Пат исполнет со вера, со покајание и со исповедание. Само така ќе можеме да ги надминеме сите препреки што нè снаоѓаат во нашиот живот.
Денес, наоѓајќи се во дните на Петровиот пост, на овој наш голем празник ќе ја искористам приликата од овој манастир да упатам порака за сите заедно сплотени во христијанска љубов да се држиме до Евангелието и до верата наша православна, која од памтивек ја облагородува душата на нашиот Македонски народ. И ние, како и светиот Наум насекаде да ги шириме евангелските морални принципи, кои го осветлуваат духовниот мрак, бидејќи само на тој начин можеме да се соочиме со моралниот пад и со хипокризијата на нашето општество. Само на тој начин можеме да ја сочуваме чиста нашата култура, нашата богата традиција и пред сѐ нашето битисување како еден Божји народ.
Затоа драги браќа и сестри, никогаш да не забораваме на светиот Наум, на неговиот труд и дело, на неговите подвизи и совети. Нека на сите ни помогне свети Наум. Да ни даде благослов и сила. Да ги следиме неговите постапки и со нашиот живот и дела да Го прославиме нашиот Отец небесен. Амин.
Бидете благословени и имајте лесни Петровденски пости.
Извор: https://tge.mk/product/prepodobniot-chudotvorets-i-otets-nash-naum-okhridski