На 3 јули / 20 јуни 2026 година, по повод празникот посветен на свети Наум Охридски, во истоимениот манастир на Попова Шапка, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи архијерејска Божествена Литургија во сослужение на свештеници од Тетовско-гостиварската епархија.
На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, кој претходно подготвен, пристапи кон светиот Путир.
По завршувањето на Литургијата беше прекршен и благословен празничниот колач.
Црковниот одбор на овој духовен бисер на Тетовско-гостиварската епархија, со многу љубов и почит ги пречека сите поклоници на манастирот.
Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, на која меѓу другото истакна:
Секоја година се собираме вака соборно да го прославиме споменот на молитвениот заштитник св. Наум Охридски, на ова свето место овде на Попова Шапка. Денес всушност е летниот негов празник.
Св. Наум треба да ни биде пример дека верата без добри дела е празна и не дава плод. Затоа ни се потребни духовни подвизи или приближни на оние кои ги правеле светителите. Црквата го прославува св. Наум поради неговиот богоугоден живот и нè повикува и нас да го подражаваме доследно, според нашите сили.
Свети Наум е од исклучително значење за македонците и духовниот живот кај нас, но исто така, неговата просветителска дејност претставува универзална придобивка за сите словенски и воопшто за сите христијански народи во светот. Еден мој професор за св. Климент и св. Наум вели дека за нас Македонците се она што беа Мојсеј и Арон во Стариот Завет. Затоа, нив во црковните песни ги опеваат како „светила незаодни“ и на друго место „дар Божји за нашиот македонски народ“.
Да одиме и ние по патот по кој чекореа охридските чудотворци, оти тие се патот на вистинското православие.
По молитвите на свети Наум, Господи Исусе Христе, Сине Божји помилувај нè и спаси нè нас. Амин! Нека е за многу години манастирската слава! На сите вас кои го славите овој ден како куќна слава и го носите неговото име, ви честитам и посакуваме многу здравје, радост и благослов во животот.








