Во вторник, 24 декември 2024 година, во предвечерието на празникот на свети Спиридон Тримитунтски, во истоимениот храм на Српската православна црква во Трст, Италија, беше отслужена празнична вечерна служба на којашто началствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко, во сослужение на повеќе свештеници и ѓакони од Швајцарската Епархија на Српската православна црква, но и од други епархии.
Помеѓу присутните гости беше градоначалникот на градот Трст, г-дин Роберто Дипијаца како и бискупот на Трст, сињор Енрико Тревизи со делегација од Тршката бискупија. Во својата поздравна беседа, домаќинот, Неговото Преосвештенство Епископот Швајцарски г. Андреј им се заблагодари на присутните за учеството во празничниот настан, но при тоа не заборави да го истакне огромното дело и важноста на светиот Спиридон за Православната Црква. Неговиот придонес е значаен, особено во формулирањето на Символот на верата, во догматската фраза „Светлина од Светлина“.
На крајот, Епископот Андреј се заблагодари и им упати честитки по повод празнувањето на навечерието на Рождеството Христово на бискупот Тревизи и на градоначалникот Дипијаци, а при тоа не изостави да истакне, колку е важна соработката помеѓу верските заедници и локалната самоуправа.
На самиот ден на празникот, на 25-ти декември, храмовата слава на црквата „Свети Спиридон Чудотворец“, се служеше света архијерејска Литургија на која началствуваше Епископот Делчевско-каменички г. Марко, во сослужение на Епископот Швајцарски г. Андреј.
По читањето на Светото Евангелие, Епископот Марко со вдахновена беседа им се обрати кон присутните и говореше за животот и делото на светиот Спиридон. Во беседата особено ја истакна големата улога која ја имал свети Спиридон во одбрана на верата и во формулирањето на вистините за верата, кои претставуваат темел на христијанското учење.
По Литургијата во пријатна атмосфера беше поставена трпеза за сите присутни.


























