Денес, кога Црквата го празнува споменот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, во ним посветениот манастир во Струмица беше отслужена Света Божествена Литургија со која началствуваше Митрополитот на Дидимотихо, Орестиада и Суфли г. Дамаскин од Православната Црква на Грција, во сослужение на Митрополитот Захумско- херцеговски г. Димитриј од Српската православна црква, Митрополитот Европски г. Пимен и надлежниот Митрополит Струмички г. Наум со викарниот Епископ Стобиски г. Јаков.
На Литургијата присуствуваа градоначалникот на Струмица г. Костадин Костадинов, градоначалникот на Кукуш г. Димитриос Киријакидис, градоначалникот на Василево г. Славе Андонов, почесниот конзул на Србија во Македонија г. Михајло Филев, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи (КОВЗРГ) г-ѓа Оливера Трајковска, пратеникот г. Миле Цеков, советници, претставници на јавниот и политичкиот живот и голем број на верници.
После задамвоновата молитва, Митрополитот Европски г. Пимен го благослови празничното коливо и празничниот леб на годинешните кумови, фамилијата на градоначалникот Костадинов.
Претходниот ден, на навечерието на празникот, во истиот манастир, беше отслужена празнична вечерна на која началствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот захумско – херцеговски г. Димитриј, во молитвено присуство на Митрополот Дамаскин и епископот Стобиски Јаков.
Владиката Дамаскин донесе честица од моштите на светиот великомаченик Димитриј Солунски кои беа изнесени за целивање и поклонение на верниот народ на вечерната служба.
Подоцна истиот ден во манастирот во Водоча беше одржана свечена академија. Во таа прилика Струмичката православна епархија, со благослов на Митрополитот Наум и викарниот Епископ Јаков, го награди градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов и Советот на Општина Струмица со столен медал на Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, од редот на Светиот Македонски Крст за несебично залагање, помагање и афирмирање на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во нејзиното општествено функционирање и мисија.
На свеченоста присуствуваа и градоначалниците на Ново Село, Дојран и Василево, Ѓорге Божинов, Анго Ангов и Славчо Андонов, директорката на КОВЗРГ Оливера Трајковска, претставници на Советот на Општина Струмица, директори и претставници на јавни и општински институции, претставници на јавниот и политичкиот живот во Струмица.
Атмосферата ја збогатија поетските прозби на Катерина Панов Кожаров и Мариета Дукиќ кои ги прочитаа стиховите на родокрајниот поет Иван Василевски посветени на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, а свој настап имаше и машкиот хор Партениј Зографски при Струмичката Православна Епархија.





























