Прослава на Успението Богородично на Имврос заедно со Цариградскиот патријарх Вартоломеј

Со благослов на Високопреосвештениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со дел од братството на манастирот „Св. Јован Претеча“ – Бигорски и сестринството на манастирот „Свети Георгиј“ – Рајчица, учествуваше на прославата на Успението Богородично, според новиот календар, на островот Имврос, во Турција.

Во вторникот, на 13 август, во храмот на Пресвета Богородица Баломени, Епископот Партениј отслужи Молебен канон на Пресвета Богородица, а наредниот ден, на 14 август, во селото Агридија, во храмот посветен на Благовештението на Пресветата Богородица, беше отслужена заедничка Божествена Литургија со домаќинот, Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил.

Попладнето истиот ден, Неговата Светост Патријархот Цариградски г.г. Вартоломеј пристигна во Имврос, неговото родно место. На навечерието на празникот Успение, во Богородичниот храм во Агридија Епископот Партениј отслужи празнична вечерна служба.

На самиот ден празникот Успение на Пресвета Богородица, според новиот календар, во истиот храм во Агридеја беше отслужена света архијерејска Литургија на која началствуваше Патријархот Вартоломеј, во сослужение со: Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, Митрополитот на Мосхонисија г. Кирил, Митрополитот на Мира г. Хризостом – од Цариградската Патријаршија и Епископот Антаниски г. Партениј.

По Литургијата, на плоштадот во Агридија се одржа културно-уметничка програма, исполнета со традиционална музика и песни, изведена од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, заедно со учениците од средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ од Скопје.

Извор: https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/praznikot-na-sechesnoto-uspenie-vo-imvros/