Прослава на Воскресението Христово во Македонската Православна Црква

Најголемиот празник на Црквата, славното Христово Воскресение – Велигден беше торжествено прославен ширум Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан го објави Воскресението Христово во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, каде што потоа началствуваше на богослужбата. Полуноќницата започна на полноќ, а во продолжение беше отслужена Пасхална Утрена и Божествена Литургија.

Попладнето на истиот ден, Неговото Блаженство во соборниот храм ја отслужи и пасхалната вечерна служба со читањето на Евангелието на различни јазици.

Во Светлата ноќ на Воскресението Христово, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи света Божествена Златоустова Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, го донесе Благодатниот оган во Брегалничката Епархија отслужи Воскресна утрена богослужба и Пасхална света Литургија во соборниот храм „Св. Николај“ во Штип.

Подоцна истиот ден, во истиот храм Митрополитот Иларион ја отслужи и пасхалната вечерна богослужба.

Неговото Високопреосвештество Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Георгиј, служеше архиерејска Литургија во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид.

Воскресната вечерна богослужба Неговото Високопреосвештество ја отслужи во храмот „Св. Софија“ – Охрид.

Во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес, Митрополитот Повардарски г. Агатангел ја објави најторжествената и најрадосната вест на Православието, а потоа отслужи Велигденска Воскресна Литургија.

Попладнето на истиот ден во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, беше отслужена Вечерна богослужба – Второ Христово Воскресение, на која беше прочитано дел од Евангелието на повеќе јазици. На богослужбата чиноначалствуваше Митрополитот Агатангел. 

Викарниот Епископ Стобиски г. Јаков ја отслужи Воскресната богослужба со света Литургија во манастриот на светите Петнаесет Тивериополски свештеномеченици во Струмица, додека Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот посветен на св. Григориј Палама, старец Јосиф Исихаст и преподобен Јустин Ќелиски, во Водоча.

Во Светлата ноќ на Воскресението Христово, по трикратниот опход околу храмот и по објавата на најрадосната вест, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи света Божествена Златоустова Литургија во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово.

Во митрополитскиот соборен храм на свети Никола во Куманово, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј го објави светлото Воскресение Христово и служеше света Златоустова Литургија.

Подоцна на истиот ден, Митрополитот Григориј, служеше голема пасхална Вечерна во истиот храм.

Неговото Високопреосвештенство, вомировениот Митрополит Кумановско-осоговски г. Јосиф, отслужи света Литургија во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Австралиски и Новозеландски г. Никола благоволи да богослужи и проповеда на Велигден – Воскресение Христово во Соборниот храм „Раѓање на Пресвета Богородица“, во Сиденхам, Викторија, Австралија.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен служеше во храмот „Св. Прохор Пчињски“ во Пјаченца, Италија.

На Воскресение Христово, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Крушевски и Демирхисарски г. Јован служеше во катедралниот храм на Крушевската и Демирхисарска света митрополија, „Св. Никола“ во Крушево.

Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко Пасхалната служба ја отслужи во храмот „Успение Богородично“ во Делчево, каде што подоцна истиот ден ја отслужи и пасхалната вечерна богослужба.

Неговото Преосвештенство Епископот Дремвитски г. Давид, на празникот Воскресение Христово, почнувајќи на полноќ, богослужеше во манастирот „Успение на Пресвета Богородица”, с. Маркова Сушица, покрај Скопје.

Преосвештениот Епископ Антаниски служеше во манастирот „Св. Јован – Бигорски“, каде што ја отслужи и пасхалната вечерна богослужба.

Христос Воскресе! Воистину Воскресе!