Прославена 50 годишнината од основањето на Катедралниот Храм на АКМПЕ „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтц, Мичиген, САД

Известува: о. Горан Трпчевски

По повод прославата на 50 годишнината од основањето на Катедралниот Храм на Американско-Канадската Македонската Православна Епархија „Раѓање на Пресвета Богородица“, од Стерлинг Хајтц (Детроит Метро), Мичиген, САД, со благослов од надлежниот Митрополит на АКМПЕ, г. Методиј, се одржаа повеќе активности по тој повод.

Најпрво во петокот навечер на 20 септември 2024, се пречека Чудотворната мироточива „Хавајска“ Икона на Пресвета Богородица, чија копија се наоѓа токму во овој храм, а беше донесена од иконофорот, хранителот (чуварот) на Иконата, протојереј-ставрофор Нектариј Јангсон, во придружба на ѓаконот Серафим Стојанче Андов, по што се одржа и Вечерна Служба.

Следниот ден саботата на 21 септември 2024, кога Црквата го прославува споменот на Раѓањето на Пресвета Богородица и во неделата 22 септември 2024, во тринаесеттата  Недела по Педесетница, кога Црквата го прославува споменот на Светите Јоаким и Ана, се одржаа Свети Архиерејски Литургии, со кои чиноначалствуваше Митрополитот Методиј, во сослужение на  протојереј-ставрофор Нектариj Јангсон, од Руската задгранична Црква, свештениците од Црквата домаќин Раѓање на Пресвета Богородица, од Стерлинг Хајтц, Архијерејскиот заменик и намесник протојереј-ставрофор Синиша Ристовски и Архијерејскиот намесник протојереј Драган Јорданов и свештениците од сестринските цркви на МПЦ, од МПЦ „Св. Кирил и Методиј“ од Њу Џерзи, Архиерејскиот намесник протојереј Гоце Постоловски, од МПЦ „Св. Недела“, од Ејџекс, Онтарио, протојереј Александар Зашов, „Успение на Пресвета Богородица“ од Калифорнија, јереј Рубин Ацевски, од МПЦ „Св. Ѓорѓи Кратовски“ од Фармингтон Хилс, Мичиген, јереј Горан Трпчевски, од МПЦ „Св. Петар и Павле“ од Краун Поинт, Индијана, јереј Ѓорѓи Глигоров и јереј Александар Митров, од МПЦ „Успение на Пресвета Богородица“, од Колумбос, Охајо, јереј Радован Цековски, од МПЦ „Св. Илија“, од Синсинати, Охајо, јереј Блаже Петров, од МПЦ „Св. Никола“ од Виндзор, Онтарио, јереј Емил Атанасов, од МПЦ „Св. Климент Охридски“, од Торонто, Онтарио, јереј Сашо Целевски, ѓаконот Серафим Стојанче Андов од Хаваи, и гостинот од Американската православна Црква „Св. Никола“ од Флинт, отец Метју-Петер Бутрие, а со своето пеење Службите ги збогатија и хорот при црквата домаќин, хорот од Антиохиската црква во Детроит и ипоѓаконите Ѓорѓи Ѓурчиновски и Кристофер Ласек.

Во саботата се одржа и Свечениот банкет, на кој присуствуваа многубројни гости, меѓу кои и високи гости од политичкиот и општествениот живот на САД, гости од Српската православна црква и многуброен верен народ од целата Епархија.

На Банкетот му беше предаден и Орденот на Св. Климент Охридски – III ред, на иконофорот, протојереј-ставрофор Нектариј Јангсон, со кој беше одликуван согласно Одлуката на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА, од 12 септември 2024, за покажаната љубов кон верниците на АКПМЕ, со носење на иконата на поклонение во храмовите на епархијата.

За време на сите три дена, верниот народ како река се слеваше во Храмот, од сите цркви и националности во Детроит, каде беа помазувани од свештениците со светото миро кое тече од оваа чудотворна икона. Во редица се чекаше да се целива ликот на Пресвета Богородица, на Иконата облеано со миро. Цело време се пееја црковни песни и сите три дена од сите страни и на многу јазици се слушаше, „Пресвета Богородице, спаси нè!“ Амин.