Протојереј-ставрофор Антониј Петрушевски од Кумановско-осоговската епархија гостуваше во поткастот „Попкаст со Мартин Богатиноски“ на Слободен печат. Отец Антониј Петрушевски има долгогодишно искуство во доближување на Словото Божјо и на православната вера до верниот народ преку средствата што ги овозможува современата технологија: блогови, интернет страници, поткасти, видеа и сл., а како уредник и преведувач е ангажиран во издавачката дејност на Кумановско-осоговската епархија. Отец Антониј исто така е дел од редакцијата на „Литургија.мк“.
Во поткастот на „Слободен печат“, помеѓу останатото, отец Антониј говореше и за темата на современите технологии, и за вештачката интелигенција, која, како што оцени, претставува една од најголемите специфики на технолошкиот напредок во современата епоха. Според него, таа носи значајни предности, но и сериозни опасности.
„Во Црквата веднаш се создава методолошки пристап кон вештачката интелигенција и се советуваат верниците како да ја користат“, рече отец Антониј, додавајќи дека несомнено може многу да помогне, но дека мора да ѝ се пристапи со голема претпазливост. Како една од големите соблазни ја посочи антропоморфноста, односно склоноста човекот да ѝ припишува човечки својства.
Осврнувајќи се на прашањето за хомосексуализмот, отец Антониј истакна дека, според христијанското учење, постои разлика во однос на другите гревови. Повикувајќи се на зборовите на свети Апостол Павле дека „блудникот греши против своето тело“, тој нагласи дека овој грев, според црковната перспектива, не може да се сведе во иста линија со останатите. Според него, неприродноста се согледува во тоа што е спротивна на природното размножување на човекот, поради што, како што рече, хомосексуализмот отсекогаш бил посебно санкциониран во христијанството.
„Основната одлика на човечкиот род е природен афинитет кон спротивниот пол“, посочи отец Антониј, додавајќи дека во денешни услови веќе се создава атмосфера во која е опасно да се каже дека станува збор за болест. „Но ако не ја третираме како душевна болест, како поинаку да биде?“, праша тој во текот на разговорот.
Говорејќи за простувањето, отец Антониј подвлече дека тоа не се темели врз личното чувство, туку претставува должност. „Простувањето не се заснова на наше чувство, туку е наша должност“, рече тој. Според неговото објаснување, непростувањето во својата суштина носи деструктивен елемент. „‘Не сакам да ти простам’ – тоа значи: ‘ти за мене не постоиш’. Тука се крие желба за уништување, за погубување на другиот, за негирање на другиот. ‘Не сакам да те видам’, ‘не сакам да постоиш за мене, сега, а ако може и за вечноста’. Ја гледате деструктивноста на непростувањето? Тоа е во суштината на непростувањето“, објасни отец Антониј.
Емисијата, емитувана на 16 март 2026 година во целост може да се гледа на следната видео снимка:

