Прва архијерејска Литургија во новоформираната црковна општина во Фулда, Германија

На 15 февруари 2026 година, кога светата Православна Црква го прославува празникот Сретение Господово, во германскиот град Фулда се одржа свечена света архијерејска Златоустова Литургија, со што молитвено и достоинствено беше одбележан патрониот празник и формирањето на Македонската православна црковна општина „Свети Три Ерарси“.

Со Литургијата чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Европски г. Пимен, во сослужение на свештениците од Европската епархија. Оваа богослужба претставуваше прво архијерејско служење по официјалното формирање на црковната општина во Фулда.

Во своето архипастирско слово, Митрополитот Пимен говореше за длабоката смисла на празникот Сретение Господово, средбата на Стариот и Новиот Завет, средбата на човекот со Бога, и повикот секој верник да Го пречека Христа во своето срце со чистота, вера и љубов. Тој ја истакна важноста од единството, молитвеното заедништво и живата врска со Црквата, особено во дијаспората, каде зачувувањето на верата и националниот идентитет претставува духовна и морална обврска. Бројни верници, кои со особена побожност и благодарност учествуваа во светата Литургија.

Голем број од присутните пристапија кон светата причест, причестувајќи се со светите Христови Тајни, сведочејќи ја својата жива вера и духовна поврзаност со Мајката Црква.

Формирањето на Македонската православна црковна општина „Свети Три Ерарси“ во Фулда претставува значаен и историски чекор во организирањето на црковниот живот на Македонците во Германија. Оваа новооформена заедница ќе биде духовно прибежиште, место на молитва, литургиско собрание и чување на православната вера и македонската традиција. По завршувањето на светата Литургија следеше заедничка прослава и културно-забавна програма, исполнета со радост, братска љубов и заедништво, во духот на православната вера и македонското духовно наследство.

Со овој благословен настан, празникот Сретение Господово во Фулда останува запаметен како ден на духовна средба, единство и нов почеток за македонската православна заедница во овој германски град – се вели во известувањето од Европската епархија.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1GX5q2JwKu/