Со одлука на Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква на редовното мајско заседание оваа година, во диптихот на светите беа приброени светите преподобномаченици и маченици Рмањски, кои пострадале во светониколајевската света обител на манастирот Рмањ, во Босна и Херцеговина, низ вековите.
Првото нивно чествување беше на 10 (28) септември годинава.
На навечерието на нивниот свет спомен, на 9 (27) септември 2025 година, со благослов на надлежниот архијереј, Неговото Преосвештенство Епископот Бихаќко-петровачки г. Сергиј, беше отслужена доксологија во чест на доаѓањето на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион. Потоа беше отслужено свечено вечерно богослужение со петолебие кое го предводеше Митрополитот Иларион.
Во таа прилика, Епископот Сергиј упати поздравна беседа до Митрополитот Иларион и до сите присутни, а потоа и Митрополит Иларион упати благодарствена беседа.
На самиот ден на празникот, на 10 (28) септември 2025 година, со благослов на Епископот Сергиј, светата Архијерејска Литургија во манастирскиот храм на свети Николај Мирликиски Чудотворец во Манастирот Рмањ ја отслужи Митрополитот Иларион во сослужение со Епископот Сергиј и свештенослужителите на Српската Православна Црква: архимандрит Данило (Павловиќ) од Епархијата Захумско-херцеговачка, архимандрит Серафим (Кужиќ) од Митрополијата Белградско-карловачка, архимандрит Наум (Милковиќ) од Епархијата Горњокарловачка, архимандрит Варнава (Дамјановиќ), архимандрит Василиј (Рожиќ), игумен Јеротеј (Влајковиќ), протоереј-ставрофор Маринко Радмило, протоереј Драган Шкалоња, протоереј Саво Јанковиќ, презвитер Марко Радмило од Епархијата дизелдорфска и германска, и протоѓакон Немања Рељиќ.
По заамвоната молитва беше извршено благословување на славските приноси.
Со орденот на новомачениците Бихаќко-петровачки, Епископот Сергиј го одликуваше Митрополитот Иларион за неговата покажана љубов кон Епархијата бихаќко-петровачка и светониколајевската света Обител на Манастирот Рмањ.
По завршувањето на светата Архиерејска Литургија беше прочитана грамата на Неговата Светост Архиепископот и Патријархот Српски г. Порфириј за прогласувањето на преподобномачениците и мачениците рмањски.
На крај Епископот Сергиј се обрати со литургиска беседа, а потоа на сите присутни им се обрати со поздравна беседа и Митрополит Иларион.










































