Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен на Фејсбук страницата на Европската Митрополија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија објави своја реакција на скандалозната манифестација на отворањето на олимписките игри во Париз.
Во продолжение, неговата реакција ја пренесуваме во целост.
Ќе го исмееш Христа, и ќе си горд, како кој знае какво херојско дело да си сторил.
Но, што ново си направил човеку? Та нели кога Христос на Крстот ги рашири рацете за да го прегрне целиот свет, дури и тебе, исто така и архијереите, заедно со книжниците и старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа: „Другите ги спаси, а Сам Себе не може да спаси.“ (Матеј 27, 41)
Та нели потоа со векови, низ арените, Христијаните за потсмев и забава на лавовите за храна им се принесуваа, но на злото со зло не вратија. Нема ни денес, нити било кога.
Можеби, токму поради тоа, се осмелуваш на тој чекор бидејќи знаеш дека непосредно пред ова Христос, кога на него излегле како на разбојник, рече:
„Мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец, да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?“ (Матеј 26, 53) а сепак не ги побарал легионите ангели, туку побарал прошка за сите нив.
Знаеш и дека ни е заповедано од Бога, нам на учениците негови, да го вртиме и другиот образ, па си комотен во твојата непромисленост кога ми ја исмеваш верата и ги повредуваш моите верски чувства.
Но, тогаш веројатно го знаеш и ова:
„Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“ (Матеј, 26, 52).
Но, ти не се плаши од нож, туку од тоа што ќе завршиш исмеван и презрен и напуштен на буништето на светот во својата бесмисленост на постоењето. Зашто со каква мерка мериш, со таква и ќе ти се мери.
О човеку, толку ли ти е тешко да не му го правиш на другиот, она што не сакаш да ти го прават тебе? И уште полошо, она што го правиш, што ми го исмеваш моето право на вера, да го продаваш како промоција и борба за твоите права?
Или само твоите права останаа нерешени на овој свет?
Слободата не е анархија, а демократијата не е робување на слободата на малцинските групи, туку обид за воспоставување на взаемна почит во општеството со внимавање да не се премине границата од употреба во злоупотреба, на таа, на сите нам на дар подеднакво дадена слобода.
И не, нема да ја споделам онаа пародична слика од Париз. Оти веројатно твојата цел била токму таа, во осудата за направеното да се преплави светот со таа грда и навредлива слика.