На 3 ноември 2024 година, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион изврши опело над новоупокоениот јереј Јонче Јанков од Свети Николе, во сослужение на свештенослужители од Брегалничката Епархија, во храмот „Св. Николај“ во Свети Николе.
Јерејот Јонче Јанков е роден 1961 година во земјоделско благочестиво семејство во с. Орел, светиниколско, како десетта рожба. Основно образование завршува во родното место, а средно богословско образование завршува во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Драчево, Скопје. Стапува во брак од кој има две рожби, а во 1987 година е ракоположен во ѓаконски, а потоа и во свештенички чин, од тогашниот Митрополит Брегалнички, а сегашен Митрополит Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, во храмот „Св.Николај“ во Свети Николе, каде и останал да служи преку целиот свој живот.
На 2 ноември 2024 година, после петгодишно боледување, како мирен и тивок пастир на Црквата Христова и на македонскиот православен народ се упокои во Господа. Нека му е блажен и вечен споменот и семилостивиот Бог да му дарува царство небесно.