Сеправославна младинска средба во Торонто

Пишува: Протојереј Александар Тодоровски

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот на Американско-канадската македонска православна епархија (АКМПЕ), г. Методиј, на 2 јуни 2025 година, во катедралниот храм „Св. Климент Охридски“ во Торонто, за првпат се одржа Сеправославна младинска средба – настан посветен на поврзување на младите православни христијани од Торонто и околината.

Настанот, насловен „Orthodox Connection Night“, беше организиран од страна на заедницата GTA Pan-Orthodox Community, со цел да се создаде простор за поврзување, соработка и духовно заедништво помеѓу православните млади на возраст од 18 до 35 години, независно од нивното етничко или јурисдикциско потекло.

Вечерта започна со молитвено расположение, при што беше отслужено Мало Повечерие во црквата, по што присутните се упатија кон салата каде продолжи неформалниот дел од настанот. Во пријатна и топла атмосфера, учесниците имаа можност да се запознаат, да разменат духовни и животни искуства, да зборуваат за своето учество во животот на Црквата, како и да градат пријателства што ќе продолжат и надвор од овој настан. За сите присутни беа обезбедени закуски и освежување.

Оваа средба претставува значаен чекор во градењето на заедничко православно исповедание во ГТА регионот (Greater Toronto Area), и се надеваме дека ќе биде само почеток на многу идни слични собири, кои ќе ги обединат младите околу верата, духовниот развој и братската љубов.

Срдечна благодарност до сите што помогнаа во реализацијата на оваа иницијатива, особено на свештенството и волонтерите на црквата „Св. Климент Охридски“ – Торонто, кои со голема љубов и посветеност ја отворија вратата за сите православни млади од регионот.