Деца и млади од Македонија и од македонската дијаспора летово учествуваа во шесте летни кампови по Вероучение што се одржаа во Бигорскиот скит „Свети Кирил и Методиј“ во Битуше.
Со благослов на епископот Антаниски г. Партениј, во текот на летото 2026 година во скитот беа организирани шест кампови наменети за различни возрасни групи. Програмата ги обедини часовите по веронаука и молитвениот живот со уметнички и едукативни работилници, престој во природа, рекреација и заеднички активности.
Првиот камп собра триесетина деца од различни краишта на земјата. Покрај запознавањето со основите на православната вера и животот во Христа, децата учествуваа во креативни работилници и подготвија театарска претстава за светите браќа Кирил и Методиј, под режија на актерот и режисер Владо Дојчиновски.
На вториот камп учествуваа триесетина млади на возраст од 13 до 15 години. Преку предавања, разговори и работилници беа обработени теми поврзани со нивното духовно и емоционално созревање. Кампот заврши со театарска претстава под менторство на актерот Христијан Танчевски.
Третиот камп ги собра децата од Битола и Кичево, меѓу кои и членови на „Академија Атанасова“ и хорот „Митрополит Козма Пречистански“. Учесниците имаа можност да се вклучат во богослужбениот живот, да учат за православните вредности и преку песна, творештво и престој во природа да го продлабочат меѓусебното заедништво.
Посебен културен акцент имаше четвртиот камп, на кој гостуваа членови на Академијата „Еуроарт“ од Штип. Под раководство на Христијан Танчевски, младите изведоа уметнички перформанс со песна, игра и традиционален мелос, претставувајќи го богатството на македонското културно наследство.
Петтиот камп, покрај вообичаените вероучителни и рекреативни активности, донесе и работилница за креативно пишување „Од книга до полица“. Триесетина деца, под менторство на професорката Наташа Брезовска Богоевска и библиотекарката-каталогизатор Павлина Најдова, се запознаа со патот на пишаниот збор, создавањето книги и значењето на македонскиот јазик и писменост.
Шестиот камп, со кој заврши овогодишната летна сезона, собра триесетина деца од Битола, Скопје, Ресен и Кичево. Во текот на летото, во камповите учествуваа и деца и млади кои живеат во Австралија, Америка, Австрија, Германија, Италија, Шведска и Албанија. Преку молитвата, часовите по веронаука, уметничките и катихетските работилници и секојдневниот заеднички живот, учесниците имаа можност да ги запознаат православната вера и литургискиот начин на живот.
Камповите беа поддржани и од повеќе компании и благодетели, меѓу кои „Жито Лукс“, „Жито Полог“, „Просветно дело“, „Драни Премиум“, „Кристал 1923“, „Витаминка“ и „Салмак – МБ“.












Извор: https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/shesti-leten-kamp-po-verouchenie/
