Скопска епархија: повик за упис во школа за црковна музика

Школата за црковна музика на Скопската епархија обзнанува повик за упис во учебната 2026-2027 година.

Школата (петогодишен студиум) е во организација на Центарот Панепистимио, и ја води и реализира музикоучител проф. д-р Ристо Солунчев со своите асистенти.

Се изучува древното црковно пеење (византиска псалтика) на Православната црква по програмата и принципите на највисоките соодветни пејачки школи во православниот свет.

Студиумот се состои од пет нивоа: Невмена нотација и вовед во осмогласникот, Воскресник, Ирмологија, Пападички напеви и Калофониска пападика. Годината трае 9 месеци (октомври-јуни) и завршува со испити пред стручна комисија. Часовите се седмични и се индивидуални. Школарината е месечна и изнесува 3500 ден.

Сите заинтересирани го потврдуваат уписот со испраќање лични податоци: име и презиме, година на раѓање, можно музичко искуство, на [email protected], или на 078 247 796. Контактите се отворени и за сите дополнителни информации. По потврдата на уписот следи разговор и аудиција, со оглед на захтевноста на програмата.

Ристо Солунчев е професор на Филозофскиот факултет, УКИМ, музичар, протопсалт во храмот Св.Великомаченик Димитриј во Скопје и хорархос на византискиот хор Хармосини. Дипломирал византиска музика на конзерваториумот “Симон Карас” во Атина, во класата на музикоучител, хорархос, презвитер и протопсалт Игор Зиројевиќ.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/19GdPuq8hy/