По повод четвртата годишнина од упокојувањето на блаженопочинатиот Митрополит Црногорско-приморски Амфилохиј, од Српската православна црква, на 30 октомври беше отслужена света архиерејска заупокоена Литургија во Соборниот храм на Христовото Воскресение во Подгорица, по која беше отслужен помен на неговиот гроб во Параклисот „Свети Амфилохиј Икониски“, кој се наоѓа во криптата на Соборниот храм.
Со светата божествена служба началствуваше Неговото високопреосвештенство Архиепископот сараевски и Митрополит дабробосански г. Хризостом, а му сослужуваа Високопреосвештениот Митрополит Брегалнички г. Иларион и Преосвештениот Епископ Делчевско-каменички г. Марко од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, заедно со архијереите на Српската православна црква: Високопреосвештените Митрополити Милешевски г. Атанасиј, Рашко-призренски г. Теодосиј, Захумско-херцеговски г. Димитриј и Преовештените Епископи Пакрачко-славонски г. Јован, Будимљанско-никшички г. Методиј, Диоклиски г. Пајсиј и многубројно свештенство и свештеномонаштво, во молитвено присуство на благочестивиот народ, претставници на власта, политичкиот и јавниот живот.
За време на Литургијата, Митрополитот Јоаникиј го ракоположи во свештенички чин ѓаконот Стефан Ѓерковиќ.
По прочитаното евангелско четиво, со зборови на архипастирска беседа на собраните им се обрати Преосвештениот Епископ Пакрачко-славонски г. Јован, кој рече дека денешната евангелска приказна за лепрозниот кого Исус го исцелил, а кој му се обратил со зборовите „Господи, ако сакаш можеш да ме исчистиш“, пред нас делумно се повторила и исполнила со доаѓањето на Митрополитот Амфилохиј и Владиката Атанасиј во оние краишта во кои народот не само што се одрекол од живиот Бог, туку сметал дека е негова должност да го прогонува Бога.
„Во наше време пред нас се кренаа луѓе кои Бога не го вратија, туку Бог нив ги испрати за преку нив да се врати во оваа земја. И еве, обновениот народ, оние кои ги паметат тие ужасни времиња и оние кои само слушнале за нив, и оние кои ја виделе братската крв од која произлегло сето тоа зло, и оние кои штотуку се родиле кога почнала преродбата тука, еве, тука сите собрани во храмот на Воскресението на место каде што немало трага од Божјето име, Божјето лице, каде што немало ни трага ни од милост, ни од добрина, ни од братољубие, ни од сестрољубие, ни од човекољубие. Каде што луѓето зборувале за чест, но чест немало зашто ако не Го почитуваме Бога, како ќе го почитуваме братот свој? И тогаш Бог ја испрати својата милост и испрати пророци меѓу нас, зашто ништо помалку не било потребно за да се подигне од пепелта Црна Гора, да се подигне од пепелта Херцеговина. Затоа и нашата благодарност кон Бога мора да биде бескрајна!“
По отпустот на собраните им се обрати Високопреосвештениот Архиепископ Сараевски и Митрополит дабробосански г. Хризостом кој рече дека денес молитвено се сеќаваме на Владиката Амфилохиј кој значеше многу не само за Митрополијата црногорско-приморска, туку воопшто за Црквата вселенска, особено за помесната Српска православна црква.
Потоа Митрополитот црногорско-приморски г. Јоаникиј им се заблагодари на господата архијереи, свештенството, монаштвото и верниот народ кои дојдоа во храмот на денот кога се сеќаваме на блаженопочинатиот Митрополит Амфилохиј.





























