Сослужување на Петровден во Цетиње

Празникот на светите апостоли Петар и Павле – Петровден, беше прославен во Цетиње, Црна Гора, со традиционален Петровденски собор, кој започна со света архијерејска Литургија, на која началствуваше Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Цетињски, Митрополитот Црногорски и Приморски г. Јоаникиј, од Српската православна црква, во сослужување со Високопреосвештените Митрополити Јосиф Тетовско-гостиварски од Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Аристарх Кемеровско-прокопиев, од Руската православна црква, заедно со бројни свештеници од повеќе епархии на Српската, Руската и Македонската православна црква, со учество на голем број верен народ.

Во текот на светата Литургија, Митрополитот Јоаникиј го миропомаза новокрстениот слуга Божји Петар, а на малиот вход во чин протоосингел го ракопроизведе јеромонахот Гаврил (Раичевиќ), собрат на Цетињскиот манастир.

По прочитаното Евангелие, празнична проповед произнесе јеромонахот Рафаило (Бољевиќ), игумен на манастирот Подмаине.

По заамвоната молитва, се одржа литија до црквата во Ќипур, каде што беа благословени славските дарови.

По враќањето во манастирот и отпустот, на насобраниот народ со беседа му се обрати Митрополитот Јоаникиј. Потоа свое обраќање имаше и Митрополитот Аристарх кој го честиташе празникот, пренесувајќи го благословот на Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Рус, г.г. Кирил. Во спомен на денешната средба, владиката Аристрах на митрополитот Јоаникиј му подари архијерејска мандија.

Петровденското дружење во Цетинскиот манастир продолжи со трпезата на љубовта.

Извор: https://mitropolija.com/2024/07/12/petrovdanski-sabor-na-cetinju-2/