На 2 јули 2024 година, на предвечерието на празникот на храмот посветен на Свети Наум Охридски Чудотворец во Делчево, Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко, отслужи празнична вечерна служба заедно со викарниот Епископ Тивериополски г. Тихон од Бугарската Православна Црква. Преосвештениот Епископ Тихон го благослови петолебието. На крајот Епископот Марко, обраќајќи се со пригодно слово, му посака топло добредојде во Делчево, со надеж и во иднина заеднички да сослужуваат.
Следниот ден, на самиот празник на светиот Наум Охридски – Чудотворец, во храмот посветен на овој светител во Делчево, на светата Литургија началствуваше Преосвештениот Епископ Тихон, во сослужување со епископот-домаќин, Марко, и свештенослужители од Делчевско-каменичката епархија.
На Литургијата на протојерејот Методија Дончовски, пензиониран свештеник од Делчево, му беше доделен граден крст како заслуга за долгогодишната мисија и посветеност во црквата.
Во текот на службата пригодна беседа одржа гостинот Епископот Тихон, кој му се заблагодари на домаќинот за топлиот пречек и искажа голема благодарност за поканата. Истакна дека не се потребни зборови бидејќи длабоко во срцето ја чувствува искрената братска љубов во заедничарењето со Бога. Искажа задоволство за укажаната чест за првпат, да чиноначалствува на Света Литургијата во градот Делчево, што за него има особена важност бидејќи неговите предци потекнувале од с. Стар Истевник, Делчевско.
На крајот од Литургија Епископот Марко возврати со пригодни зборови посакувајќи топло добредојде, и надеж за уште многу средби и заедничко сослужување.