Сослужување во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“, на Плаошник во Охрид

„Си воскреснал денес од гробот, Штедар,
и нас си нѐ извел од смртните врати.
Денес Адам ликува и се радува Ева,
а пророците, заедно со патријарсите,
непрестајно ја воспеваат моќта на власта Твоја“
(воскресен кондак 3-ти глас, во Недела на утрена)
.

На 10.11.2024 година, во Двесеттата недела по Педесетница, на празникот на св. мaченичка Параскева Икониска и на свети Димитриј Ростовски, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Зворничко-тузлански г. Фотиј од Српската православна црква, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство Епископот Шабачки г. Јеротеј.

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа.

На самиот крај, Митрополитот Фотиј му се заблагодари на нашиот Митрополит Тимотеј за убавиот пречек и можноста да сослужуваат во Светиклиментовиот манастир, притоа истакнувајќи ја важноста на воспоставеното единство, важност која е од големо значење и за двете сестрински цркви и за двата братски народа.

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата од Митрополитот Тимотеј.


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ваше Високопреосвештенство, ваше Преосвештенство, чесни отци и драги браќа и сестри,

Како што слушнавме од светото Евангелие, Господ ѝ се обраќа на наинската вдовица која го оплакувала својот единствен син, со зборовите: Не плачи! (Лк. 7, 13). Човекољубецот ѝ ги кажал овие зборови, се доближил до одарот и се допрел до умрениот и му рекол: Момче, тебе ти велам, стани! (Лк. 7, 14). Мртовецот се подигнал, седнал и почнал да зборува, а Тој го предаде на мајка му (Лк. 7, 15). Понатаму уште се вели: И страв ги обзеде сите и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас“ и „Бог го посети Својот народ“ (Лк. 7, 16).

Господ ја спасил од длабока и преголема жалост оваа јадна мајка и ненадејно ѝ приредил неизмерна радост и утеха. Оној Кој е извор на живот и преку Чие учество Создателот на светот и го создал првиот човек, ја претворил смртта на младичот во живот. Со ова чудо Он ја посведочил Својата безмерна љубов и Своето милосрдие кон луѓето, а истовремено им покажал на луѓето дека Он е Син на Живиот Бог.

Мислењето за Исуса Христа, испратениот од Бога, се ширело низ цела Јудеја и околината. Но, не секаде и не секој познал дека тоа чудо е од раката на Месијата, Синот Божји. Во очите на Јудеите, по многуте минати времиња, имало големи пророци, како што бил пророкот Илија, кој го воскреснал синот на вдовицата во Сарепта Сидонска (3. Цар. 17, 17-24). Сето тоа се случувало многу одамна, а ова се случувало пред нивните очи и пред целиот народ. Сето тоа го убедувало народот дека пред нив е голем пророк. Но, кој е Он? И зошто Он прави големи чуда? Зошто без никој да бара, нешто што никогаш не се случувало, Он го воскреснал синот на вдовицата наинска? Св. Лука одговара дека тоа било направено од жалост кон тажната вдовица. Господ се сожали на неа – вели ев. Лука (Лк. 7, 13).

Во лицето на вдовицата, на таа осиромашена мајка, Христос се сожалува кон сите луѓе кои се поразени од гревот, од болестите и смртта. Во солзите на осиромашената мајка Он видел и слушнал илјадници повици од севкупното човештво, кое не може да се помири со царството на смртта, со тој трагичен плач на земјата кој се слуша секаде дури и до ден денешен. Исто онака како што се вели во погребната стихира: Плачам и ридам кога ќе помислам на смртта.

Но, не само сочувството кон човечката мака било причина за воскресение на синот во Наин. Тука била покажана и силата и славата Христова. И иако голем дел од современиците Христови гледале во Него само голем пророк, Кој прави чуда со името Божјо, имало и такви кои во Него виделе и Месија и Син Божји, Кој има власт над животот и смртта во вселената. Такви верни постанале и сите апостоли и ученици на Исуса Христа, а и ние со нив.

Покрај тоа, чудото во Наин било и пророштво за новата епоха, кога смртта ќе ја изгуби власта над луѓето. Ќе настапи ерата кога Бог ќе ја избрише секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина (Откр. 21, 4).

На самиот крај, не можеме и да си преставиме дека Христос, Оној Кој за Себе сведочи дека е воскресение и живот (Јн. 11, 25), и Кој го проповедал Царството Божјо и воскресението на мртвите, можел рамнодушно да помине покрај патот на смртта и жалоста. Он не можел да им дозволи тие да одат по својот пат, кон каменот на пештерата. Христос го воскреснал умрениот и ги потопил сите човечки маки, болки, јадови, затоа што поинаку и не можело да биде. Онаму каде што се појавува Он, таму се отвораат рајските двери, таму нема ни смрт ни жал ни воздишки туку воскресение и бесконечен живот.

Целта на нашиот живот е да се спечали спасение на нашите бесмртни души. Но, тоа не е така лесно, ниту, пак, е можно да се постигне само со слабите човечки сили, без оглед на нашите желби и труд. Неопходна ни е и Божја помош. Затоа непрестајно да Го молиме милостивиот Небесен Бог, Он да погледне кон нас слабите и немоќни. Он да ја излие врз нас Својата благодат и Своето милосрдие, онака како што го излеал врз жената вдовица од градот Наин, како и врз нејзиниот умрен син. Со Својата милост Он им донел неопислива душевна радост и утеха. Знаејќи дека Господ е многумилостив, и дека не ја сака смртта на грешникот, туку да да се одврати и да остане жив (Језек. 33, 11), не се сомневаме дека и нам ќе ни покаже и ќе ја излие големата љубов и дарежливата милост, па и ние да се радуваме со мајката и синот во градот Наин. Амин.

Митрополит Тимотеј

20-та Недела по Педесетница
Ман. „Св. Климент и Пантелемон“ Плаошник, Охрид
10.11.2024 г.

Извор: https://www.dke.org.mk/index.php/3708-dvaesetta-nedela-po-pedesetnica