На 14 август 2024 година (во денот кога започнува Богородичниот пост) се извршува изнесување на чесниот крст. Но, како што се случува и во други денови, на различни места се празнуваат и светители, кои поторжествено се прославуваат во одредени средини. Така, во овој ден се празнува споменот на преподобната Софија Суздаљска. По тој повод, во манастирот „Покров на Пресвета Богородица“ во Суздаљ (Русија) се отслужи празнична Литургија, на која началствуваше Митрополитот Владимирски и Суздаљски Тихон. Заедно со клирици од Владимирската епархија на Руската православна црква, нему му сослужуваше јеромонах Атанасиј Арсоски од Скопската епархија на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија.
По Литургијата, во кругот на манастирот, се одржа литија со иконата на преподобната Софија Суздаљска. Откако заврши литијата, во храмот се изврши благословување на мед, што по предание се извршува на 1/14 август секоја година.
По завршување на богослужбата следеше заеднички ручек во манастирската трпезарија. Присутните имаа можност, накратко, да се запознаат со историјата и со актуелната состојба на православието во Македонија. Митрополитот Тихон му порача на јеромонах Атанасиј да го пренесе неговиот поздрав и поклон пред православниот македонски народ.