На 21 септември 2025 година, кога се прославува празникот Рождество на Пресвета Богородица, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Делчево, се служеше празнична архијерејска Литургија на која началствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Знеполски г. Мелетиј од Бугарската Православна Црква, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко.
По читањето на Евангелието Епископот г. Мелетиј искажа беседа во која помеѓу другото истакна:
„Богомајката секое искушение го поднела во нејзиниот живот надевајќи се исклучиво на Божјата закрила и помош. Таа е пример како ние, треба да се надеваме на Бога и со големо трпение да не забораваме дека никогаш не сме оставени сами на себе. Како што грижливо Богородица го чувала во скутот Богомладенецот, Христос, така и ние денес, да го чуваме Христос во нашите срца.“
На крајот од Литургијата епископот Марко искрено му се заблагодари на владиката Мелетиј за несебичната жртва која ја направи за да дојде и да сослужува во Делчевско-каменичката Епархија.
На ова гостинот возврати и искажа голема благодарност за поканата, но не изостави да напомене, дека во иднина се надева на плодна соработка, а во најскоро време ќе упати покана до епископот Марко, да биде гостин во сестринската Православна Црква во Бугарија каде братски ќе сослужуваат.
Потоа епископите разменија пригодни подароци.












