Пишува: Катерина Дафчева
Едногласно, струмичките советници го прифатија предлогот на градоначалникот Костадин Костадинов и отстапија на трајно користење објект на Фондација ,,Елеуса”.
Објектот ќе биде наменет за магацински и скалдишен простор, за канцелариска работа и можност за отворање проект за Народна кујна.
Другиот дел од објектот ќе биде наменет за реализација на Програмата за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство и отворање сервис за Куќа за отворено живеење.
Фондација Елеуса на овој начин ги зајакнува своите капацитети за да може посигурно и поефикасно да одговара на барањата на социјално загрозените лица, лицата од ранливите категории, како и да работи на создавање здрава заедница.
– Голема благодарност до Градоначалникот Костадин Костадинов, до претседателот на Советот Марјан Даскаловски и до сите советници кои денес покажаа единство и го доделија објектот на Фондација Елеуса. А Фондација Елеуса се гладните и сиромашните, болните и луѓето на мака, коишто секојдневно бараат помош. Денес нивниот крик го слушна целиот Совет на општина Струмица, заедно со градоначалникот Костадинов кои, отстапувајќи го објектот, им подадоа рака за спас на немоќните, болните, сиромашните. За нас е неизмерна радост што токму грижата за нив ги сплоти советниците кои знаат дека гладот, болеста, сиромаштијата не познаваат политика, туку само човечност, велат од Фондација Елеуса.