Свечена литија со моштите на свети Георгиј низ улиците на Струга

На 7 мај 2026 година се одржа традиционалната литија со моштите и чудотворната икона на „Свети Георгиј Победоносец“ низ улиците на Струга, привлекувајќи голем број верници и посетители кои учествуваа во чествувањето на големиот христијански празник.

Моштите на светителот беа донесени од манастирот во Рајчица и свечено пречекани во храмот „Св. Георгиј“ во Струга, каде беше отслужена вечерна богослужба на која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј во сослужение со митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф и свештенството од Дебарско-кичевската епархија. На верниот народ со вдахновена беседа му се обрати Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Потоа литијата тргна од дворот на црквата „Свети Георгиј“ и помина низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим и низ старата чаршија, по што повторно се врати во црковниот двор.

Поворката беше предводена од церемонијално полициско возило, како симболично одбележување на Свети Георгиј како покровител на полициските и безбедносните сили.

Во литијата учествуваа млади облечени во стихари кои носеа црковни рипиди и бајраци, а чудотворната икона на Свети Георгиј ја носеа четворица угледни стружани. Дел од поворката беа и Градскиот дувачки оркестар од Скопје, оркестарот на ДСМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“ од Струга, како и монаштвото од повеќе манастири на Македонската православна црква.

Годинава литијата беше збогатена и со настап на членовите на културно-уметничките друштва „Илинден“ од Струга и „Дримкол“ од Вевчани, облечени во автентични народни носии.

Посебна новина беше хуманитарниот карактер на настанот, при што собраните средства ќе бидат наменети за лица на кои им е потребна помош.

По завршувањето на литијата, во дворот на храмот беше организирана и културно-уметничка програма.

Извор: https://strugaonline.mk/vesti/lokalni/iljadnici-vernici-prisustvuvaa-na-svechenata-litija-so-moshtite-na-sveti-georgij-niz-ulicite-na-struga/