Посета на мироточивата Хавајска икона и прослава на Петковден во најстарата парохија на МПЦ во САД

Известува: о. Горан Трпчевски

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот на Американско-канадската епархија, г. Методиј, за време на викендот, 25 и 26 октомври 2025 г., Македонската православна катедрала „Св. Петар и Павле“ во Краун Поинт, САД, беше домаќин на еден голем духовен настан. Одбележувањето на нејзиниот втор патронен празник, денот на преподобната Параскева, се изврши во присуство на чудотворната Хавајско-иверска икона, која специјално за овој ден беше донесена од Хаваи од страна на нејзиниот чувар, отец Нектариј Јангстон во придружба на ѓаконот Серафим Андов, од Руската задгранична Православна Црква.

На воскресната Вечерна во саботата и неделната архијерејска Литургија, повеќеилјаден верен народ од парохијата и од соседните православни цркви притекна да се поклони на оваа светиња и со умиление да ги принесе своите молби, болки и радости пред Пресветата.

За време на Литургијата, Митрополитот Методиј благоволи да ги произведе парохиски свештеници, отец Георгиј и отец Александар, во протојерејски чин. По Литургијата, се изврши водосвет и со помазување од светото миро што се излева од чудотворната икона, и се освети новата икона на Богородица Пелагонитиса, која ќе престојува во овој храм, а е со истите димензии како оригиналната икона што се наоѓа во манастирот во Зрзе.

На крајот се прекрши и празничниот леб во чест на света Петка, на која ѝ е посветен малиот параклис што се наоѓа пред самата катедрална црква. Инаку, неколку денови пред прославата, оваа мала црквичка беше опожарена, при што целата внатрешност беше изгорена, а на чудесен начин беше запазен ликот од целивната икона што се наоѓа во неа.

Прославата беше збогатена со празнична трпеза, македонска музика, изведба на фолкорната група при црквата и заедничко дружење на верниците.