На 3 јануари 2025 година, кога се навршија 40 дена од упокојувањето на Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј, во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид беше отслужена света архијерејска заупокоена Литургија и 40-дневен помен за покој на неговата душа.
На светата Литургија молитвено присуствуваше Архиепископот Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана, г.г. Стефан, а служеше викарниот Епископ Стобиски г. Јаков, во сослужение на повеќемина свештенослужители.
По Литургијата, Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Стефан, заедно со членовите на работниот состав на Синодот, Високопреосвештените Митрополити Преспанско-пелагониски г. Петар и Повардарски г. Агатангел, а во присуство на повеќе свештенослужители и верен народ, отслужи помен на гробот на Митрополитот Тимотеј.