Света Параскева (Петка) Римјанка – Света Архиерејска Литургија и Панихида за загинатите бранители во Прилеп

На 8 август 2025 година, кога го празнуваме споменот на светата маченичка Параскева (Петка) Римјанка, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереи-ставрофорите Влатко Ристески и Трајко Босеовски, игуменот Мојсеј (Тодоровски), протоерејот Љупче Петрески, ерејот Јове Треневски, протоѓаконот Драган Георгиевски и ѓаконот Младен Јовчевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Петка“, во населбата Точила, Прилеп. На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

На овој ден Прилеп го одбележува и споменот на 10-те паднати бранители на Карпалак – кои на ѕверски начин беа убиени од заседа во конфликтот во 2001 година. По тој повод по завршувањето на Литургијата Владиката Петар отслужи и панихида во молитвен спомен на бранителите кои ги положија своите животи кај Карпалак.

Нека е вечен споменот на: Нане Наумоски (48), резервен капетан, Сашо Китановски (40), резервен поручник, Горан Миновски (29), воен обврзник, Ердоган Шабановски (21), воен обврзник, Љубе Грујоски (32), воен обврзник, Бранко Секулоски (43), воен обврзник, Дарко Велјановски (27), воен обврзник, Пеце Секуловски (31), воен обврзник, Веби Рушитовски (26), воен обврзник и Мирко Деспотовски (27), воен обврзник.

Нека овој настан остане како вечно сеќавање на згаснатите животи и никогаш повеќе да не се повтори!

Извор: http://www.pppe.mk/2025/sveta-paraskeva-petka-rimjanka-sveta-arhierejska-liturgija-i-panihida-za-zaginatite-braniteli-vo-prilep-3/ и https://markukule.mk/во-црквата-св-петка-во-прилеп-се-отслуж/