Во навечерието на споменот на преподобниот отец Јоаким Осоговски, 28.08.2025 година, во Осоговскиот Манастир, посветен на овој пустиножител, беше отслужена Празнична вечерна богослужба, со којашто чиноначалствуваше Епископот Хвостански г. Алексиј, викар на Српскиот Патријарх г. г. Порфириј. На вечерната молитвено присутен беше и Првојерархот на Кумановско-осоговската епархија, Високопреосвештениот Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј.
На 29.08.2024 година, кога Православната Црква го празнува споменот на Свети Јоаким Осоговски, во неговиот манастир во Крива Паланка, беше отслужена Света архијерејска Литургија.
Литургијата беше возглавена од Високопреосвештениот Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение со нивните Високопреосвештенства Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј, Митрополит Видински г. Пахомиј (БПЦ), Митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј, Митрополит Јосиф, Епископот Велбуждски г. Исак (БПЦ) и епископот Хвостански г. Алексиј (СПЦ).
На Божествената Литургија многубројниот верен народ се причести со Светите Христови тајни.
По завршувањето на Божествената Литургија, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф одржа пригодна беседа, после која со кратка беседа архијерејите, свештенослужителите и верниот народ ги поздрави Високопреосвештениот Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј, после што на архијерејите гости во име на полнотата на Кумановско-осоговската епархија како молитвен дар им подари Архијерејски панагии.
На Божествената Литургија присутни беа и: Премиерот на Владата на Република Македонија г. Христијан Мицковски, Министерот за Транспорт и врски г. Александар Николовски, Пратениците при Собрание на Република Македонија г. Емил Спасовски, г. Љупчо Николовски и г. Оливер Спасовски, Градоначалникот на Општина Крива Паланка г. Сашко Митковски и Директорот на Државни патишта г. Коце Трајановски.




































