Свeти Наум Охридски прославен во манастирот на Попова Шапка

На ден 05.01.2025 година кога нашата света Црква го празнува споменот на свети Наум Охридски, во истоимениот манастир на Попова Шапка, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света Литургија со свештеници од Тетовско-гостиварската епархија. На Божествената Литургија верниот народ се причести со светите Христови Тајни.

По Литургијата беа благословени и прережани кумските лебови.

На Литургијата присуствуваа: Премиерот на РМ проф. д-р Христијан Мицкоски, Министерката за финансии г-ѓа Гордана Димитриеска-Кочоска,  Директорката на КОВЗРГ, г-ѓа Оливера Трајковска, како и пратеници од Македонското собрание. Црковниот Одбор и овогодишните кумови на овој духовен бисер на Тетовско-гостиварската епархија, со многу љубов и почит ги пречекаа сите поклоници на манастирот и приредија трпеза на љубовта. Со свое слово-проповед се обрати Митрополитот г. Јосиф, кој меѓу другото нагласи:

Денес сме собрани во овој свет манастир на Попова Шапка посветен на денешниот празник, за да го одбележиме споменот на свети Наум – Охридскиот Чудотворец, да го прославиме достојно празникот на овој наш семакедонски светител, кој е наш постојан молитвеник пред Бога. Делото и животот на овој Божји угодник се длабоко вткаени во духовно-просветниот живот на нашата Македонија. Како основач на монаштвото на нашите простори, тој длабоко го поставил темелот на Христовата вера кај нас. Свети Наум е од исклучително значење за Македонците и духовниот живот кај нас, но исто така, неговата просветителска дејност претставува универзална придобивка за сите словенски и воопшто за сите христијански народи во светот. Тој како просветител се трудел да ги научи луѓето на евангелските морални принципи, бидејќи знаел дека многу гревови извираат од човечките незнаења. И тогаш како и денес, најголем проблем и извор на злото било незнаењето, кое води до помраченост на умот. Последиците од помраченоста на умот се големи и погубни и за нашето општество. Тие започнуваат од неправилен начин на живеење, па водат се до воведување на нови и туѓи наметнати „вредности“, под слоганот на таканаречената демократија. Затоа, како православни верници да бидеме постојано трезвени и будни, да ги почитуваме вистинските вредности, кои како наследство ни ги оставил во аманет нашиот денешен славеник, великиот Наум. Наоѓајќи се на крајот од Божиќниот пост, а на самиот  почеток од овие празнични денови кои ни следуваат, да се помолиме на светиот Наум Охридскиот Чудотворец, по неговите свети молитви и нам Господ да ни ги просветли нашите умови, да ги очисти нашите срца од секакви грешни желби, похоти, страсти, грешни дела и да ни даде духовни сили за достојно да го пречекаме Христовото рождество.

По молитвите на Свети Наум, Господи Исусе Христе, Сине Боже помилувај нè и спаси нè нас. Амин. Нека е за многу години манастирската слава! На сите Вас кои го славите овој ден како куќна слава и го носите неговото име, ви честитам и посакуваме многу здравје, радост и благослов во животот.

Извор: https://tge.mk/product/sveti-naum-okhridski