Савинден, националниот празник на Србите во Македонија, свечено беше одбележан во попладневните часови на 27 јануари 2025 година во Македонскиот народен театар во Скопје.
На свечената академија во Скопје присуствуваа: Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Неговата Светост Патријархот српски г.г. Порфириј, Високопреосвештениот Митрополит Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски г. Петар, Преосвештениот Епископ Хераклејски г. Климент, Претседателот на владата на Македонија г. Христијан Мицковски, г. Братислав Гашиќ – министер за одбрана на Република Србија, архимандрит Данило – директор на управната канцеларија на Српската Патријаршија, претставници на властите на Македонија, Србија, Црна Гора и Република Српска.
Неговата Светост, Српскиот патријарх г. Порфириј, го благослови собирот и во своето поздравно обраќање нагласи: „Свети Сава нè собра денес за да го продолжиме неговото дело и, чекорејќи по неговиот пат, да го градиме патот на мирот и разбирањето со сите народи“. Српскиот патријарх истакна дека Свети Сава одлучил да биде подобар, а не да се промени сè околу него, додека тој остане ист. „Затоа и ние мораме да бидеме подобри за на сите заедно да ни биде подобро“ – порача Патријархот.
Светосавска беседа одржа г. Никола Селаковиќ, министер за култура во Владата на Србија. Потоа пред бројната публика се обратија: г. Иван Стоилковиќ – министер за односи со заедниците на Македонија, г. Андрија Мандиќ – претседател на Собранието на Црна Гора, г. Милорад Додик – претседател на Република Српска и г. Христијан Мицкоски – претседател на Владата на Македонија.
Традиционалната Светосавска академија, 18-та по ред, беше одбележана со настап на Првото белградско пејачко друштво, како и на драмскиот уметник Слободан Ќустиќ и прваците на операта на Народниот театар во Белград, Љубица Врањеш и Драгољуб Бајиќ. Во културната програма на Светосавската академија учествуваа и Уметничкиот ансамбл на Министерството за одбрана на Србија „Станислав Бинички“, драмскиот уметник Воислав Спасиќ и солистката на труба Данијела Веселиновиќ.








