Торжествено прославен патрониот празник на храмот „Св. Недела“ во Ејџекс, во присуство на митрополитот Методиј

Известува: протоереј Александар Тодоровски

Македонската православна црква „Св. Недела“ во Ејџекс, Онтарио, Канада, на свечен и достоинствен начин го прослави својот патрон празник – споменот на светата великомаченичка Недела.

Централниот настан на прославата беше светата Литургија, отслужена на 20 јули, на која присуствуваше Високопреосвештениот митрополит на Американско-канадската епархија, г. Методиј. Со светата Литургија чиноначалствуваше архијерејскиот заменик и намесник на Канадското намесништво, протојереј-ставрофор Синиша Ристовски, во сослужение на парохискиот свештеник на храмот, протојереј Александар Зашов, парохиските свештеници од другите Македонски православни цркви во Торонто и некои од пензионираните свештеници.

За време на светата Литургија верниците пристапија кон светата Причест, причестувајќи се со светите Христови Тајни. По завршувањето на богослужбата беше извршен чинот на Водосвет, а потоа и благословувањето на кумските славски колачи, со што молитвено беше заокружено одбележувањето на храмовата слава.

Во рамките на празничните свечености, Македонската православна црква „Св. Недела“ го одржа и својот традиционален годишен фестивал во деновите 18 и 19 јули. На 19 јули, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Методиј присуствуваше и на светата Литургија, давајќи архипастирски благослов на ова значајно црковно соборно чествување.

Фестивалот беше организиран од Црковниот одбор, предводен од претседателот г. Ристо Трифуновски, во соработка со вредните членки на Женската секција и со големата пожртвуваност на бројните волонтери и парохијани. Во текот на двата фестивалски дена, Македонците од Ејџекс и поширокиот регион се собраа во духот на верата, заедништвото и македонската традиција, уживајќи во богатата македонска кујна и во звуците на македонската народна музика.