На 19 декември 2025 лето Господово, на празникот на светиот Николај Мирликиски Чудотворец, кој е заштитник на Брегалничката Православна Епархија и на градот Штип, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан отслужи света архијерејска Литургија во сослужение на надлежниот епархиски архијереј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, со Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Епископот Стобиски г. Јаков и свештенослужители на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Литургијата беше отслужена во соборниот епархиски храм „Св. Николај“ во Штип. Пригодна беседа одржа Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Стефан.
На богослужбата присуствуваше многуброен православен народ кој со искрена вера дојде да се помоли и поклони пред моштите на светиот Николај Чудотворец.
По завршувањето на Божествената Литургија, архијереите заедно со градоначалникот на општина Штип г. Иван Јорданов, пратеникот во Собранието на Р. Македонија г. Никола Мицевски, директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, г-ѓа Оливера Трајковска, свештенослужителите и многубројниот православен народ, извршија литија од соборниот храм „Св. Николај“ до градското шеталиште „Ванчо Прќе“ во Штип, каде го благословија и пресекоа славскиот колач.



























