Традиционално и оваа година коњаницата од Гостивар, на 26 јули, по петнаесети пат тргна кон Крушево во чест на големиот национален и државен празник Илинден.
По литургијата во соборниот храм „Пресвета Богородица“ – Гостивар, група млади родољубиви луѓе облечени во комитски носии зедоа молитвено учество во чинот на благословување на нивниот марш. Чинот го изврши и благослови Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештенсвото од Гостиварското намесништво, кои се помолија со молитва за добробит на Татковината и за успешен пат, беа благословени во нивниот подвиг, полн со љубов кон Бога и кон Татковината – Македонија, како и со светло сеќавање за нашите пожртвувани, богољубиви предци.
Благословувајќи го нивниот пат кон славното Крушево, Митрополитот г. Јосиф им се обрати на коњаниците со следниве зборови:
„Почитувани и родољубиви Гостиварци, ми претставува чест и радост што денес сум овде во Гостивар, градот на гостољубието. Нека ви е честито и од Бога благословено патувањето за нашето славно Крушево, и нека споменот за тоа Крушево и за Востанието остане засекогаш силно врежан во нашите срца. Секогаш добро да се сеќаваме на сето она што го направиле нашите богољубиви предци за слобода на нашата Татковина Македонија, а вредностите што со многу труд тие ги постигнале, положувајќи ги дури и своите животи за ближните, верно да ги чуваме и да ги пренесеме на нашите идни поколенија. Да сте благословени и нека св. Арх. Гаврил чиј ден го прославуваме денес ве води и заштитува по патот до славното Крушево. Амин!“
Извор: https://tge.mk/product/liturgija-vo-soborniot-khram-presveta-bogoroditsa-gostivar1