Три децении молитвено засолниште: Јубилеј 30 години од осветувањето на „Св. Димитрија Солунски“ во Маркам

Пишува: Протојереј Александар Тодоровски

Македонската православна црковна општина во Маркам, Канада, со духовно торжество и достоинствена прослава одбележа голем јубилеј – 30 години од осветувањето на македонскиот православен храм „Свети Димитрија Солунски“. Овој јубилеј е сведоштво за тридеценискиот неуморен труд, силна вера и опстојување на македонскиот дух на овие простори.

Чествувањето започна во саботата, на 9 мај 2026 година, со свечен банкет на кој присуствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот на Американско-канадската епархија, г. Методиј, придружуван од Архиерејскиот заменик и намесник, Протоереј-ставрофор Синиша Ристовски.

Свеченоста беше збогатена со присуство на високи гости и претставници меѓу кои градоначалникот на Маркам – г. Франк Скарпити, Амбасадорот на Република Македонија во Канада – г. Агрон Буџаку, како и Министерот за образование на Онтарио – г. Пол Каландра. Во своите обраќања, тие упатија срдечни честитки до македонската заедница, истакнувајќи ја важноста на овој храм како духовен и културен центар.

Посебен белег на вечерта остави видео-документарецот подготвен по повод јубилејот, кој ги оживеа сеќавањата на почетоците на храмот, предизвикувајќи видни емоции кај присутните. Во знак на благодарност, Претседателот на црковната општина, г. Жанко Стојчески, заедно со членовите на Управата, доделија признанија на поранешните Претседатели на црквата, Претседателките на Женската секција, на досегашните парохиски свештеници, како и на бројни дарители и добротвори кои низ годините несебично придонесувале за животот и напредокот на црквата.

Прославата беше крунисана на 10 мај 2026 година со света Божествена Литургија, на која молитвено присуствуваше надлежниот архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Методиј, а сослужуваа архиерејскиот заменик Протоереј-ставрофор Синиша Ристовски и свештенството од Канадското намесништво. Голем број верници се причестија со светите Христови Тајни, благодарејќи Му на Бога за благословот и духовниот плод на овие триесет години.

Сегашниот парохиски свештеник, ереј Горан Ристески, кој со својата посветена работа на нивата Господова е достоен продолжувач на тридецениското духовно дело, на овој свечен јубилеј ги прими молитвените желби за понатамошен успех во службата.

На крајот од Литургијата, архиерејскиот заменик, Протоереј-ставрофор Синиша Ристовски, го произнесе празничното слово од Митрополитот г. Методиј, во кое меѓу другото се вели:

Овој храм во Маркам не е само македонски храм. Тој е светилник на Православието во дијаспората, сведоштво дека каде и да оди нашиот народ, таму ја носи со себе верата, јазикот и традицијата. Тој е мост меѓу татковината и новата земја, меѓу минатото и иднината.“

За сите оние кои не беа во можност физички да присуствуваат, како и за идните поколенија, црковната општина го сподели документарниот запис кој ја раскажува историјата на „Св. Димитрија Солунски“ во Маркам којшто можете да го погледнете на следниот видео запис:

Saint Dimitrija Solunski - Our Sacred HomeSaint Dimitrija Solunski – Our Sacred Home

Во продолжение го пренесуваме во целост празничното слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Методиј.


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

Возљубени во Христа браќа и сестри,

Денес стоиме под сводовите на овој свет храм, исполнети со благодарност и радост, одбележувајќи 30 години од осветувањето на православниот храм „Свети Димитрија“ во Маркам — духовен дом, прибежиште на молитвата и сведоштво на верата на нашиот народ во оваа благословена земја.

Пред три децении, со солзи радосници, со молитви и надеж, беше осветен овој свет храм посветен на светиот великомаченик Свети Димитрија Солунски — заштитникот и храбриот воин Христов, кој со својата крв го посведочи името Божјо. Неговата вера не беше само збор, туку живот; не беше само традиција, туку жртва; не беше само спомен, туку сведоштво.

Храмот не е само градба од камен и бетон. Храмот е жива Црква — заедница на верните. Овие ѕидови ги слушнале нашите први молитви во новата татковина, ги примиле нашите радости и таги, ги виделе крштевките на нашите деца, венчавките на младите, испраќањата на нашите блиски во вечноста. Тука сме учеле да простуваме, да љубиме, да се молиме.

Триесет години не се само бројка. Тие се триесет години жртва, љубов и истрајност. Нашите претходници вложиле труд, средства, но пред сè — срце. Тие не граделе само храм, туку граделе иднина за своите поколенија. И денес, гледајќи ги младите лица во овој храм, знаеме дека нивната жртва не била напразна.

Свети Димитрија, како воин, нè учи на храброст. Но не на храброст со меч, туку на храброст во верата. Да се биде православен христијанин во денешниот свет значи да се стои цврсто во вистината, да се живее Евангелието не само во храмот, туку и во домот, на работа, во општеството.

Овој храм во Маркам не е само македонски храм. Тој е светилник на Православието во дијаспората, сведоштво дека каде и да оди нашиот народ, таму ја носи со себе верата, јазикот и традицијата. Тој е мост меѓу татковината и новата земја, меѓу минатото и иднината.

Но, браќа и сестри, најголемото прашање денес не е што сме направиле во изминатите 30 години, туку — што ќе направиме понатаму? Ќе дозволиме ли храмот да биде само споменик на минатото, или ќе биде жив извор на благодат за идните генерации?

Ако сакаме овој храм да живее уште многу децении, тогаш мора да го исполнуваме со молитва, со љубов, со единство. Да ги донесуваме децата на Литургија. Да ги учиме на македонски збор и на Божја заповед. Да не дозволиме верата да стане само обичај, туку да остане жив однос со Христа.

Свети Димитрија не се плашеше од страдање, затоа што знаеше Кому Му припаѓа. И ние денес, во сите предизвици на времето, да не се плашиме — затоа што Христос е со нас. Овој храм е доказ за тоа: дека кога сме заедно, кога сме со Бога, невозможноста станува можност.

Да Му благодариме на Бога за изминатите 30 години. Да се помолиме за сите живи и упокоени ктитори, свештеници и верници што го изградија и одржаа овој свет храм. И да ветиме дека ќе бидеме достојни продолжувачи на нивното дело.

Нека молитвите на светиот великомаченик Димитрија нè укрепуваат. Нека овој храм остане дом на светлина, мир и спасение. И нека Господ ни подари уште многу години во слога, љубов и вера.

Амин!

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!