„Успение на Пресвета Богородица“ во Лешочкиот манастир

На 28 август 2026 година, По повод манастирската слава „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешочкиот манастир, Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света Златоустова Литургија, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство вомировениот митрополит Кумановско-осоговски г. Јосиф и свештеници од Тетовско-гостиварската епархија.

На литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

На самиот крај, Тетовско-гостиварскиот митрополит Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна:

Ваше Високопреосвештенство, драги браќа и сестри.

Денес, во оваа вековна лешочка светиња, срцата ни се исполнети со небесна радост. Го славиме Успението на Пресвета Богородица – денот кога Мајката на Животот преминува во вечноста. Овој ден не е ден на тага, туку ден на победа и радост. Лешочкиот манастир со векови е духовна тврдина и прибежиште за нашиот народ.

Денешниот масовен собир е жив доказ дека Богородица не нè оставила. Таа е тука, меѓу нас. Таа ги слуша нашите молитви, ги знае нашите маки и ги брише нашите солзи. Како најтопла Мајка, Таа постојано нè закрилува под својот свет покров.

Денес, еве откако ја отслуживме светата Литургија, кога го прекршивме празничниот колач и се застапуваме пред Нејзиниот лик, да побараме од Неа мир во нашите домови и слога во нашите семејства. Да се угледаме на Нејзината смиреност и неизмерна љубов. Во овие празнични мигови, наоѓајќи се под закрила на Небесната царица овде во нејзиниот манастир, да Ѝ се обратиме со молитва на Возвишената да ни биде како и секогаш, и сега постојана застапничка и молитвеничка пред Бога за нас и за  сите наши идни поколенија. Таа нека биде нашата патеводителка на патот кон спасението и Нејзиниот благослов нека биде врз сите нас.

Нека Пресвета Богородица ги благослови вашите домови, нека даде здравје на вашите ближни и нека го чува овој свет манастир во вековите што доаѓаат.

За многу години манастирската слава! Амин!

Извор: https://tge.mk/uspenie-na-presveta-bogorodica-vo-lesockiot-manastir