Велигденско интервју на Неговото Блаженство Архиепископот Стефан за „Слободен печат“

Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан даде интервју за Велигденското издание на весникот „Слободен печат“. Ова интервју, кое го водеше новинарот Мартин Богатиноски, беше објавено во печатена форма на 10 април 2026 година со наслов „Велигден не трае три дена – трае цел живот“. Во продолжение, го пренесуваме во целост.


Велигден се нарекува Празник над празниците – што денес, во едно забрзано и често збунето време, значи вистински да се живее радоста од Воскресението?

– Да се живее со таа радост значи да се осознае дека преку Христовото воскресение нешто суштинско се променило во самото ткиво на стварноста и во самата смисла на човековото постоење. Вистинитоста на Воскресението ни овозможува секојдневно да живееме како Божјото Царство да е веќе присутно меѓу нас и во нас – оти тоа и е присутно. Имено, затоа што Христос воскресна, смртта веќе не е последната граница, туку „победата ја проголта смртта“, со што на секој што е во Христос, му се даде да постане ново создание.

Празникот на Воскресението носи силна порака за надеж – како таа порака да се живее во секојдневието, а не само во празничните денови?

– Христовото воскресение го прославуваме во одредени, празнични денови, но Христовата победа над смртта треба да ни го исполни со вера, надеж и љубов секој ден, не само Велигден. Псалмопевецот Давид пее: „Господ е просветлување мое и Спасител мој; од кого ќе се бојам? Господ е заштитник на животот мој; од кого ќе се плашам?“. Затоа, ако сета наша надеж Му ја оддаваме на Оној Кој, како што пееме во тропарот на Велигден: Воскресе од мртвите, со смртта смртта ја победи и на сите што се во гробовите – живот им подари“, тогаш заедно со апостолот Павле од длабочината на нашите срца ќе извикуваме: Сè можам преку Христос, Кој ме крепи“. Оттаму, Воскресението не е само ден или недела за славење, туку е поттик да живееме секојдневно со вера, љубов и надеж, и да дозволиме Божјата благодат да нè води и да нè преобразува.

Поздравот „Христос воскресе“ е симбол на радоста на празникот – што значи тој во духовна смисла за верникот?

– Поздравот „Христос воскресе“ не е само крилатица за Велигден, туку е израз на живата вера во вистинитоста на Воскресението. Тоа е повик секојдневно да се учествува во воскресенската радост и да се живее со увереноста дека Христос преобразува сè. Впрочем, токму затоа едно од најголемите светила на православието, свети Серафим Саровски, сите луѓе со кои се среќавал низ целата година ги поздравувал со зборовите: „Радост моја, Христос воскресе!“, покажувајќи им на сите што доаѓале во контакт со него, дека Воскресението не е само неколкудневен празник, туку е изворот и сржта на нашиот живот и дека со благата вест дека: „Христос воскресе“ треба да се поздравуваме секојдневно.

Светата литургија е центарот на христијанскиот живот – какво место има таа во духовниот живот на верниците денес?

– Да, Светата литургија е несомнено центарот на христијанскиот живот. Таа, всушност, ни открива што е самиот живот, бидејќи е, како што велеше прекрасниот светогорец, отец Василиј Гондакакис: „Откровение на новата твар“, откровение на нов начин на постоење. Во Литургијата, човекот престанува да биде атом, затворен во себе, и станува вистински член на Телото Христово, „причасник“ Христов. Ако навистина живееме литургиски, тогаш сè се преобразува: животот ни станува благодарствен принос, другиот човек ни станува брат, и целиот живот вон Литургијата ни се преобразува во „Литургија по Литургијата. Имено Светата литургија не завршува со отпустот, туку продолжува во секојдневниот живот. На Литургијата го доживуваме опитот на Царството Небесно овде и сега, а потоа сме повикани да го „изнесеме“ тој опит во светот.

Автокефалноста на МПЦ-ОА има и духовна и историска димензија – како се одразува таа во современиот контекст?

– Препознавањето на нашата возобновена автокефалија, од која следната година ќе прославиме 60 години, односно нашето примање во сеправославната екумена од Вселенската патријаршија и добивањето на Томосот од Српската православна црква, имаат, се разбира мошне благопријатно дејство врз животот на нашата Црква. Божјата благодат секогаш си била и ќе биде во нашата Црква, оттаму, велерадосните настани од 2022 година тука не променија ништо, но се промени перцепцијата за нас во православниот свет. Сега ни се отворени сите врати што им се отворени и на останатите сестрински цркви: нашите архијереи и јереи сослужуваат со браќата од сите помесни цркви, нашиот благочестив народ пристапува пред светиот Путир каде и да се наоѓа, нашите професори и истражувачи имаат поголема соработка со академскиот богословски свет, така што сето тоа навистина нѐ радува и нас, а и воопшто целата света, соборна и апостолска црква.

Македонската дијаспора е важен дел од Црквата – како се одржува духовната врска со верниците што живеат надвор од татковината?

– Нашата дијаспора е неоткинлив, суштински дел од нашиот народ. А Црквата, пак, имала и ќе има, исклучително место во запазувањето на идентитетот на нашинците секаде каде што нѐ има. Се разбира, првобитната задача на Црквата, како во Македонија, така и во дијаспората е Светата литургија да биде центар на заедницата. Потоа, важно е нашите црковни општини да имаат разгранет живот, за парохијата да стане вистински дом. Да биде место каде што децата ќе го слушаат и зборуваат јазикот на своите предци и ќе ги одржуваат живи своите национални културни особености. Јас од своите посети на нашите епархии во дијаспората можам слободно да кажам дека нашинците не ја забораваат верата прадедовска. Нашите храмови и по Европа и во Северна Америка и во Австралија се полни. Младите свештеници организираат библиски кружоци и катихетски школи, се формираат црковни хорови… и сето тоа радува. Секако, од друга страна, пак, тоа сведочи дека ние овде, како држава, никако не успеваме да го сопреме, или макар да го намалиме силниот процес на иселување, кој со децении ја пустоши Македонија, лишувајќи ја од добар дел од својата младина. Но, тоа е друго прашање. Прашање на кое се надевам дека како општество ќе најдеме решение во блиска иднина. Во спротивно, веќе и не ќе имаме време за решение.

Ако треба со една порака да им се обратите на верниците за Велигден, што е тоа што најмногу ни недостасува како луѓе – вера, трпение или љубов?

– На ова прашање не би одговорил со избор само на една добродетел, зашто верата, трпението и љубовта се неразделни изрази на еден ист преобразен живот во Христа. Често ги доживуваме овие добродетели како нешто што „треба“ да го имаме, како морална обврска. Но, ако навистина живееме во Христос, доблестите стануваат природен плод на еден нов начин на постоење. Така, тогаш верата веќе не е само убедување, туку е доверба што го обликува секој наш чекор; трпението не е пасивно поднесување, туку е мир што произлегува од сигурноста во Божјото присуство; а љубовта не е нешто што изискува голем напор, туку е излевање на љубовта што сме ја примиле од Бога. Празникот над празниците – Велигден, пак, нè потсетува дека тоа не е недостижен идеал, туку е живот што ни е веќе даруван. Единствено што треба да направиме е да избереме да го живееме.

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/veligden-ne-trae-tri-dena-trae-cel-zhivot/