Неговото Преосвештенство епископот Делчевско-каменички г. Марко, во молитвено присуство на Неговото Високопреосвештенство архиепископот Цетињски и митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј од Српската Православна Црква, на 1 септември 2026 година, на празникот на светиот маченик Андреј Стратилат, светите маченици Тимотеј, Агапиј и Текла и Преподобниот Теофан, чиноначалствуваше со светата Литургија, а потоа и со молебенот за благословен почеток на учебната година во Цетињскиот манастир, во Црна Гора.
На светата богослужба присуствуваа учениците од Богословијата „Св. Петар Цетињски“, кои, по одслужениот молебен, со архипастирско слово ги поучи Преосвештениот епископ Марко. Истакнувајќи дека се чувствува привилегиран што е присутен на овој важен чин на призив на Светиот Дух, благодатта Божја да дојде врз нив, да ги закрепи и да ги покаже како богослови — какво што е нивното сегашно звање, Владиката рече дека Црквата многу ретко им го дава тој епитет на светителите.
„Само неколку светители ја носат таа голема титула или звање богослов: свети Јован Богослов, свети Симеон Нов Богослов, свети Григориј Богослов. Што значи дека тоа е многу важно и одговорно звање за сите вас кои дојдовте да го земете тој крст врз себе, да учите, да се просветлувате, за потоа вие да можете да ги просветлувате другите луѓе. Во Евангелието прочитавме дека Христос не им брани на децата да доаѓаат кај Него, бидејќи на таквите е Царството Божјо, како што вели Христос — ако не го добиеме Царството Божјо како деца, тогаш нема да влеземе во него. Вие имате голема привилегија што сте близу до оваа света Цетињска обител, учите и се образовате со знаењето и благодатта на Светиот Дух овде каде што се моштите на светителот свети Петар Цетињски и десницата на свети Јован Крстител, големи Божји угодници, кои како пример и како патокази ни стојат во светот — патокази кон вечноста, кон Царството Божјо“, беседеше Владиката Марко.
Говорејќи за земањето и носењето на богословскиот крст, тој рече дека можеби на почетокот се чини дека тој не е лесен — а ниеден не е лесен, па затоа и се нарекува крст, бреме што го земаме — но дека Христос е со сите нив.
„Тој ви помага да го носите тој крст и да го изнесете до крај. Нека Бог ви дава благодат во изобилство, да чувствувате радост што сте богослови, што имате можност малку подлабоко да се запознаете со науката Божја, исто како што Христос ги повика Светите апостоли да одат во длабочината на езерото, симболично говорејќи дека треба подлабоко да се занимаваат со верата и науката Божја. Така ве призва и вас подлабоко да се занимавате со верата и науката. Бог да ве просветли, да ја испрати благодатта на Светиот Дух врз вас и науката што почнавте да ја учите да биде на духовна корист и за вас и за сите на кои ќе им ја предадете таа наука, пред сè верата. А на таа вера се учиме во оваа света обител, покрај живите светители и примерот на нивните животи — тие животи да бидат и наши животи, да ревнуваме за Бога, за верата и така да стигнеме до целта на нашето постоење, а тоа е вечната заедница со Бога. Нека е од Бога благословена оваа нова учебна година, Бог да ве благослови и закрепи. Благодатта на Светиот Дух и милоста Божја да биде со сите вас“, рече Преосвештениот епископ Делчевско-каменички г. Марко.
На крајот, собраните во Цетињскиот манастир беа поросени со осветена вода за просветлување на срцата и умовите.





