Владиката Марко служеше во Стразбур

На 26 септември 2025 година, по повод празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст, Епископот Делчевско-каменички г. Марко, со својата придружба од епархијата, го посети ставропигијалниот храм на Руската Православна Црква во градот Стразбур, во Франција. Во овој храм посветен на сите Светители, срдечно беше пречекан од старешината, високопреподобниот архимандрит Филип, којшто, со благослов на Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија, г.г. Кирил, го покани Епископот г. Марко да учествува во прославата на празникот Крстовден.

Во навечерието на празникот Преосвештениот Епископ г. Марко, началствуваше на празничното бдение, и изнесувањето на Чесниот и Животворен Крст, во сослужение на архимандритот Филип и повеќе свештенослужители од Руската Православна Црква, Српската Православна Црква и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Наредниот ден, во истиот храм, Епископот г. Марко началствуваше и на Литургијата во сослужение на свештенослужители од предходно споменатите Православни Цркви. По прочитаната празнична евангелска перикопа, Епископот г. Марко во својата беседа се заблагодари на Рускиот Патријарх г.г. Кирил за благословот да служи Света Литургија во велелепниот храм, токму на празникот Крстовден, како и на старешината на храмот, архимандритот Филип, за братската покана изразувајќи надеж за повторно сослужување и заедничарење во Христа и во Македонија.

По Светата Литургија, во просториите на ставропигијалниот храм, беше приредена празнична трпеза.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/168cx3qctL/