Во МПЦ-ОА „Св. Параскева Петка“ во Чикаго пречекана мироточивата „Хавајско-Иверска” икона

Известува: о. Горан Трпчевски

На 15 мај 2025 лето Господово, со благослов од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Американско-канадски г. Методиј, во храмот на Македонската Православна Црква – ОА „Св. Параскева Петка“ во Чикаго, САД, торжествено беше пречекана мироточивата и чудотворна „Хавајско-Иверска“ икона на Мајката Божја.

По тој повод беше богослужен Молебен со Акатист, во сослужение со отецот Нектариј, кој е чувар на иконата, ѓаконот Серафим кој е негов придружник, свештениците од сестринските македонски цркви и свештениците од Руската задгранична црква и Антиохиската црква во Чикаго.

Многубројниот верен народ се помоли, поклони и ја целива икона на Мајката Божја, при што свештенството го помаза верниот народ со Светото Миро од Иконата. На крајот иконата беше отворена од страна на отецот Нектариј и дадена на парохискиот свештеник Константин Стевковски да ги благослови присутните, а Мајката Божја низ сведоштво со капки од иконата ја излеа благодатта врз свештениците, верниот народ и храмот на МПЦ-ОА „Св. Параскева Петка“.